Двете нови маки на министерот – пишува Горан Момироски

За првата најголема мака на министерот за полиција околу бегството на Груевски што е огромен срам за МВР, за владата и за РМ е кажано и излажано речиси се.

Денеска за неговите две нови маки кои можат директно да ни го загрозат патот до ЕУ дури и со уставни промени за името и ратификација на договорот со Грција.

Две прашања поврзани со новата афера прислушување на правосудни институции можат да предизвикаат сериозни тензии на релација Влада – ЕУ кога на ред ќе дојде правосудството, полицијата, безбедносните служби и генерално владеење на правото.

Двете прашања се поврзани со министерот Оливер Спасовски чии што изјави се збунувачки дури и за најголемите дипломатски поддржувачи на оваа влада.

Првото прашање е кои се изворите на МВР во обвинителството кои што на Спасовски му дале информација дека во ЈО има активна опрема за прислушување.

Според ниту еден закон или подзаконски правен акт МВР не смее да има свои формални, неформални или тајни извори во судско -обвинителските институции затоа што тоа би значело дека полицијата, обвинителите и судиите соработуваат и за други прашања кои што не се правно регулирани. Со самото тоа тие се противзаконски.

Ако Спасовски во паниката не лаже тој признава дека со тајни извори во ЈО директно се крши уставната поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Со својата изјава за случајот министерот Спасовски потврди дека во Македонија нема класична поделба меѓу извршната и судската власт и со тоа директно и дава алиби на било која земја членка да не прогласи за далечна на Критериумите од Копенхаген.

Опремата била инсталирана во 2013 година а информацијата во МВР ја добиле пролетта преку свои внатрешни извори, по што веднаш ги информирале Јавниот обвинител и претседателот на Основниот суд Скопје 1, изјави Спасовски кој сега ќе мора да ги открие изворите на МВР.

Било кој професионален обвинител или собраниска комисија ќе мора како прв чекор во истрага да утврди кои се изворите на МВР и дали тие на полицијата давале или се уште даваат неформални информации за состојбата во обвинителатвото или судовите.

Санкционирањето на тие што ја поставиле опремата се подразбира, како што се подразбира и тоа дека тие што имале надлежност да ги контролираат овие незаконски дела ќе мора да одговараат.

Вториот момент за кој Спасовски ќе мора да даде добар одговор е зошто иако скандалот во ЈО бил откриен пролетоска опремата функционирала до завчера како што изјави јавниот обвинител Јовевски.

Дури и да имало дозвола за тоа сите што биле жртви на прислушувањето кое продолжило уште 6 месеци откако било откриено сега можат да тужат и овде и во Стразбур и сигурно ќе добијат процес за прекршување на човекови права.

Во таков случај Македонија повторно ќе има проблем да докаже дека е демократска земја со функционален правен систем.

И тоа не само пред Унгарија која веќе не прогласи за земја каде не владее право и слобода туку и пред Франција, Холандија и неколку други кои што сигурен сум веќе размислуваат или подготвуваат нов “Нон пејпер” за македонскиот правно – политички хаос.

Ако некој се надева дека француската влада и претседателот Макрон кои се соочени со сериозни внатрешни предизвици ќе ни простат за хаосот со бегството на Груевски и со слушање на обвинители и судии многу се лаже.

Официјален Париз и Амстердам нема да ризикуваат, дури ни со сменето име на наша штета, да ни дадат преговори за членство во ЕУ ако имаат аргументи, со кои за жал, самите докажуваме дека сме нефункционална држава.