Ѕанакопулос: Мицотакис да побара гласање доверба на владата

Ако лидерот на главната опозициска партија ја доведува во прашање довербата на парламентот во владата, сè што треба да стори е да поднесе предлог за гласање доверба, изјави денеска владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервју за јавниот радиодифузен сервис ЕРТ1.

„Премиерот и министерот за надворешни работи, по службена должност, имаат овластување да потпишуваат меѓународни договори. Отсега, ако (лидерот на Нова демократија Киријакос) Мицотакис се прашува дали владата ужива доверба во парламентот, се што треба да стори е да поднесе предлог изгласување доверба “, рече Ѕанакопулос и продолжи,пренесуваат грчки медиуми.

„Прашање е дали Мицотакис  сака уште еден парламентарен пораз или не…Како и да е, тој е навикнат на овие парламентарни порази, тоа ќе биде уште еден монументален парламентарен пораз“, рекол Ѕанакопулос.

Во врска со договорот, портпаролот подвлече: „Очигледно има различни перспективи, но убеден сум дека со текот на времето дури и оние кои не се согласуваат или ги изразуваат своите приговори ќе сфатат дека тоа е неопходен политички и дипломатски компромис, кој и покрај фактот што е компромис, ги воспоставува и ги заштитува целосно интересите на нашата земја и нејзината способност да се дефинира со својата посебна историја. Верувам дека вчера имавме многу важен чекор во стабилизирањето на поширокиот балкански регион“, рекол портпаролот.