Џуба за проукраинската изјава на Вида: Не му се лутам, не знае што прави

Loading...

Напаѓачот на фудбалската репрезентација на Русија, Артјом Џуба, бил многу вознемирен од проукраинската изјава на хрватскиот дефанзивец Домагој Вида, но вели дека не му се лути, бидејќи „не знае што прави“.

„Од една страна, Хрватите ме одушевија со својата упорност. Сите мислеа дека Англичаните ќе ги исчистат, но тие поминаа понатаму. Но, поради Вида и Вукоевиќ (членот на хрватската делегација на СП – н.з.)… Нивниот настап многу нè налути уште во автобусот. Сакав да излезам и да го фрлам Вида на земја. Но, малку се потсмиривме. Потоа тој се извини, така што не се лутам на него. Не знае што прави“, вели Џуба во изјавата за официјалниот сајт на неговиот клуб Зенит од Санкт Петербург.

Русија во четвртфиналето на 7 јули беше елиминирана на пенали од Хрватска, а по натпреварот на интернет се појави видео во кое Вида вели: „Слава на Украина!“, а Вукоевиќ додава дека тоа е победа „за Динамо и за Украина“. Обајцата имаат играно за Динамо од Киев.

По инцидентот Хрватски фудбалски сојуз (ХНС) го суспендира Вукоевиќ и го врати дома, а Вида доби предупредување од светската фудбалска федерација ФИФА. Тој на руски се извини за својата изјава.

„Слава на Украина! Слава на хероите!“ е парола на украинската востаничка армија од Втората светска војна, кога таа била оружено крило на Организацијата на украинските националисти и војувала против Советската армија, на страна на нацистите. Во последните години овој поздрав на соработниците на нацистите стекна популарност во Украина и често се користи на украинската политичка сцена.

 

Оставете Коментар