Еден милениум Охридска архиепископија, сите се поканети (ВИДЕО)

Loading...

Остана уште малку време до најголемиот настан со кој се гордее целиот православен народ и цела Македонија – илјада години од основањето на Охридска архиепископија (1018-2018).

Како што се вели во видеото-најава на овој најголем јубилеј, тоа се години на „напластена мудрост, божественост и просветление, тоа е милениум на црковна и сенародна свештена убавина и величие. Десетвековна историја на светост, слободољубие и единство…“.

„И навистина, ретко кој може да се пофали со еден ваков јубилеј, особено затоа што Охридска архиепископија низ сите векови од нејзиното постоење била столб и тврдина на Вистината, силен бедем и поткрепа, но често пати и единствена институција која го штитела нашиот народ, дури и тогаш кога не сме имале држава“, пишува во пораката до сите заинтересирани да бидат дел од големиот настан.

„Илјадагодишно постоење на нашата славна и света Охридска архиепископија, возобновена во лицето на Македонска православна црква, заслужува да биде најдостоинствено прославено, за што, како што ви е познато, оваа година се организирани бројни настани во нејзина чест“, им порачуваат организаторите на настанот на сите верници и на сите граѓани кои се поканети да бидат дел од прославата на јубилејот.

Промотивниот спот за настанот е изработен на барање на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи на Република Македонија, а во него се најавува главната прослава што ќе се случува на 27 и 28 мај 2018 годин, во архиепископскиот соборен храм „Света Софија“ во Охрид.

Наратор: Дејан Лилиќ
Музика: Оливер Тевчев
Камера: Александар Ивановски, Фејми Даут и Самир Љума
Монтажа: Драган Алексов
Режија: Илија Пиперкоски