Лук Кофи, американски политички советник и веќе шест години соработник на конзервативната фондација „Херитиџ“, бара од САД да извршат притисок врз Грција „за да го реши нејзиниот спор за името на Македонија“.

„Како што наближува самитот на НАТО во Брисел во јули 2018 година, се појави бран од активности во врска со долготрајниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Една деценија како Грција го користи овој спор за да ги блокира аспирациите на Македонија за НАТО. Македонија би била добредојден додаток на НАТО-алијансата,  таа веќе направи респектабилен придонес во мисиите на НАТО, а нејзиното членство ќе придонесе за регионалната стабилност во југоисточна Европа. САД треба да продолжат да ја поддржуваат целта на Македонија да се приклучи на Алијансата и да ја притиснат Грција за да му стави крај на овој неразумен спор за името навреме за самитот. Затворената врата за Македонија би можела да ги обесхрабри другите аспиранти од НАТО да преземат демократски реформи за еден ден да се приклучат кон самата Алијанса“, пишува Кофи во својот извештај за „Херитиџ“, во кој нагласува дека „и покрај малата војска на Македонија, земјата веќе даде придонес за почит кон мисиите на НАТО и ги исполни сите критериуми за членство во НАТО во 2008 година“.

„За да помогнат да се најде прифатливо и разумно решение за спорот за името, САД би требало:

  • Да применат разумен притисок врз Грција. Топката е во полето на Грција. Република Македонија веќе ја признаа 137 земји. Апсурдно е дека има веќе една деценија откога Македонија веќе е подготвена да му се приклучи на НАТО, но беше спречена во тоа поради однесувањето на Грција.
  • Да повикаат за политички консензус во Македонија. Во американски интерес е да има политичка стабилност во Македонија и во Западен Балкан. САД треба да ѝ стават на знаење на македонската Влада дека кое име и да го преговара со Грција мора да има поддршка од народот или ризикува нестабилност во земјата. Ова значи дека Македонците мора да чувствуваат дека каков и да е договор со Грција ќе го зачува нивниот уникатен национален, културен и јазичен идентитет. Во спротивно, би имало уште поголеми проблеми во иднина.
  • Да работат за тоа Македонија да биде поканета во НАТО на јулскиот самит под Привремената спогодба од 1995 година. Ако разговорите за спорот за името останат без решение до самитот на НАТО во јули, САД треба да ја притиснат Грција да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011 година и да ѝ дозволи на Македонија да влезе во НАТО под условите од Привремената спогодба од 1995 година.
  • Да покажат поддршка за Македонија. САД треба да го искористат самитот на НАТО во јули за да покажат дека го ценат придонесот на македонија за Алијансата и да му се заблагодарат на македонскиот народ за неговото трпение додека чека да влезе во НАТО повеќе од една деценија од исполнувањето на критериумите“, порачува 39-годишниот поранешен капетан во американската армија, кој бил на служба во авионската база во Виченца, Италија, а во 2005 година бил распореден во Авганистан.

Лук Кофи му беше специјален советник на поранешниот британски државен секретар за одбрана Лијам Фокс.