Експерт: Референдумот ја дестабилизира и поларизира Македонија

Кирил Дрезов, експерт за Балканот, посебно за Македонија и за Бугарија, како и професор по европска политика на универзитетот „Кил“ од Велика Британија, смета дека политиката на Западот ја поддржуваат сè помалку граѓани на Македонија, што ги става на испит и Западот, и европската интеграција.

Според него, Македонија се поларизира и се дестабилизира по референдумот за името.

„Македонија беше наведена кон тој договор со Гтрција без да постои никаков консензус во земјата. Грција исто така беше туркана во таа насока. Таму сосем јасно е дека нема мнозинство што го поддржува договорот. Европска унија ја игнорира уставната и правната ситуација и врз основа на малцинството што го поддржува договорот ја турка Македонија да го протурка договорот преку прекршување на Уставот. Ако се дојде до тоа без избори, а преку туркање и поткуп, овој договор ќе има многу ниска легитимност“, изјави Дрезов за бугарската агенција „Фокус“.

Тој очекува од Владата на Заев да се обидат да привлечат на своја страна пратеници од опозицијата, но тоа, според него, би било можно само ако гласањето за договорот со Грција биде тајно.

Авторот на публикациите „Македонскиот идентитет: Преглед на главните тврдења“, „Колатерална штета: Влијанието врз Македонија на војната во Косово“ и „Бугарија, Македонија: Доброволна зависност од надворешни актери“ препорачува Бугарија да не се меша активно во овој процес.

 

SHARE

Comments are closed.