Ерменија предводена од „топчијата“ Мхитарјан во Скопје

Играчот за врска на премиерлигашот Арсенал, Хенрик Мхитарјан, ќе биде во составот на Ерменија на натпреварот со Македонија од второто коло во сегментот Д од фудбалската Лига на нации утре од 18 часот на Национална арена „Филип Втори Македонски“ во Скопје.

Капитенот на репрезентацијата и најголема ерменска фудбалска ѕвезда не реализира пенал на стартот од новоформираното натпреварување на УЕФА во четвртокот во Ереван, кога неговата репрезентација славеше со 2:1 против Лихтенштајн. Голот за победа на домаќинот тогаш го постигна напаѓачот на Вардар, Тигран Барсегјан.

Покрај нив двајца, против Македонија, која прексиноќа триумфира со 2:0 во Лихтенштајн, ќе настапат и интернационалците Арас Озбилис од холандски Вилем Втори, Артур Саркисов од руски Енисеј и Иван Јаган од белгиски КАС Ојпен.

Поради повреда, во Скопје не доаѓа Армен Манучарјан, но на ерменската селекција во Македонија ќе ѝ се приклучи Нарек Петросјан.

Ерменија е најголемиот ривал на „црвено-жолтите“ за првото место во групата, кое носи фајналфор-разигрување за место на следното Европско првенство.

 

Оставете Коментар