ЕУ и Балканот го скроија планот за собирни центри за мигранти

Лидерите на Европската унија го пронајдоа најмалиот заеднички содржител во бегалската криза која ги измачува последниве години, а тоа е подобра заштита на надворешните граници на Унијата и поефикасни депортации кон земјите од каде што дошле бегалците, преку отворање на собирни центри на Балканот, пишува Deutche Welle на српски јазик.

Според еврокомесарот за бегалци, Димитрис Аврамопулос, соодветните договори за таквиот пристап веќе се потпишани со владите на Македонија, Србија и на Албанија. ЕУ и балканските држави на самитот во Салцбург договориле акционен план од 17 точки, според кој ќе се обезбедат околу 100.000 места во собирни центри на патот од Грција до Германија. Половина од тие места би биле во Грција, а остатокот би се распоредил низ земјите низ кои минува „балканската рута“ на мигрантите и бегалците.

Во ситуација кога коалицијата која владее со Италија одбива да им дозволи пристап на бродовите со мигранти и бегалци, кога Вишеградската група одбива макар и еден бегалец да биде распореден во некоја од овие држави, станува јасно дека единствената опција за ЕУ е рестриктивната политика. Тоа беше и една од централните теми на самитот на шефови на влади и држави на членките на ЕУ, кој во среда и четврток се одржа во Салцбург, Австрија.

Уште на подготвителниот состанок минатата недела, австрискиот премиер Себастијан Курц инсистираше кај својата германска колешка да се зајакне европската агенција за заштита на границите, Фронтекс. Неговата идеја, која не ја образложи подетаљно, била Фронтекс воопшто да не им дозволи на бродовите со бегалци и мигранти да го напуштат брегот на Африка.

Ваквата идеја има поддршка и од шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој бара Фронтекс да се засили и, наместо сегашните 1.500 службеници, до 2020 година да вработува 10.000 граничари, кои би имале пристап и до територијата на „трети држави“, во превод до Западниот Балкан.

Оставете Коментар