Фан на Ренџерс на удар за расистички навреди на деца во Македонија

Loading...

Навивачи на Глазгов ренџерс се згрозени и бараат казна за фан на нивниот клуб што навредувал деца на расистичка основа во Македонија пред вчерашниот реванш со Шкупи од квалификациите за фудбалската Лига Европа.

„Навивачот“ во група со симпатизери на поранешниот шкотски првак снимал деца едно по едно, нарекувајќи ги „грешка“ и викајќи „бела сила“, покрај вулгарностите од типот „Еб. ги питачите“. Во друга снимка со дете што се појавува и во претходната, овојпат со маичка со налепница „Ренџерс“, очигледно инструирано од снимателот, детето извикува „Еб. го Папата“.

Првото видео пред да биде избришано од сцоијалните мрежи го гледале 156.000 луѓе.

За ваквото однесување навивачи на Ренџерс бараат од клубот од „Иброкс парк“ да му изрече забрана за следење на неговите настапи на фанот што ги посрамоти.

„Го повикувам секој навивач на Ренџерс што го знае ова расистичко ѓубре, кое вербално ги навредува оние деца во Македонија, да добие доживотна забрана за да нè следи. Исфрлете го ова ѓубре од нашиот клуб“, „Тоа видео од ‘фан’ на Ренџерс што навредува деца во Македонија е ужасно. Се надевам дека клубот ќе го суспендира од следните натпревари. Ѓубре“ и „Треба да го најдеме овој фан на Ренџерс што расно навредува деца во Македонија и да обезбедиме никогаш повеќе да не стапне на ‘Иброкс’. Сметам дека ние навивачите мораме да собереме пари за пат до ‘Иброкс’ за детето и за таткото“ се дел од пораките на навивачите на „ренџерите“ објавени на социјалните мрежи.