Фауст и Раскољников во нашиот ум – пишува Горан Момироски

Да се продаде душата на ѓаволот, да се живее во немирот на националниот злостор, да се потклекне пред глобалните трендови и интересите на големите сили или да се одлучи според автентичните интереси на Македонија, се вечните дилеми на Македонецот.

Да не постоеше пркосот кај дел од луѓето во 1941 година Македонија формално и реално ќе беше дел од фашистичката оска без право да тврди дека владата во Софија како окупациона сила е виновна за тоа.

Да се гласа за на референдумот и да се живее со тоа додека гледате како Македонецот се претвара во северномакедонец, МАНУ во АНУСМ, националноста во државјанство, е тежината со која се соочува сега.

Исто како што дел од противниците на договорот и тие што ќе бојкотираат се соочуваат со дилемите дали поради нивниот (не)даден глас ќе бидат виновни што по триесетти септември Македонија ќе влезе во амбис кој ни го претскажа премиерот Заев.

Еден од методите да ги расчистите дилемите е на дилемите да им се пристапи рационално а не емотивно. Кај што има сила нема правдина, може да е алибито за вашето однесување кое ќе произведе многу мали Фаусти и Расколњникови кои вечно ќе се борат да ја повратат душата продадена на ѓаволот и да се изборат против совеста уништена од лошата историска одлука чекајќи ја казната за злосторството врз својот народ.

Другиот метод за расчистување на дилемите е историска анализа.

Да не беа идеалите и бескомпромисноста на Даме Груев Македонија можеби ќе го почекаше крајот на империјата и никогаш немаше да добие шанса за првиот Илинден.

Но тогаш, во 1903 за разлика од бескомромисните од денеска Гоце не формирал паралелна организација и не започнал кампања против востанието со парите на организацијата туку го послушал гласот на народот и на своите соборци се обидел да им помогне.

Да не беа Апостолски, Мирче Ацев , Страшо Пинџур кои ја одбивале тезата за моќната Бугарија во скутот на Хитлерова Германија како држава како заштитник на Македонија никогаш немаше да се случи Прохор Пчински.

Овде ЕУ и НАТО не смее да се спореди со фашистичка Германија затоа што најголем дел од нас се стремиме кон нив, и затоа одлуката е уште потешка.

И во 1941 година дел од Македонците воделе кампања за добрите страни на Илјадагодишниот рајх на Хитлер, и во 1903 година моќната Отоманска империја кај дел од младата македонска буржоазија и интелигенција предизвикувала дилеми дали треба да се удри на султанот.

Подоцна од таа победа на пркосот наспроти конформизмот излегоа првиот и вториот Илинден. Како што третиот Илинден се случи по победата на македонистите против југоносталгичарите.

Не е страшно да се има дилеми. Внатрешната битка што ја има секој овие денови може да биде од корист. Секој од нас пред себе да ги расчисти дилемите.

Ќе бидеме ли виновни за војната што е неизбежна ако референдумот пропадне, ќе тече ли мед и млеко ако помине, ќе помине ли договорот во Грција ако ние прифатиме се што ни се наметнува.

И главната дилема. Имаме ли воопшто право да гласаме, за Гоце, Даме, генералот Апостолски, за Киро Глигоров за нашите деца, внуци и правнуци.

Имаме ли право да го извадиме АСНОМ од преамбулата на уставот, да се откажеме од Македонците со соседството, да поништиме вековни идеали на милиони луѓе.

И конечно, смееме ли да ја смениме историјата на историски луѓе чие мото е врежано во нашата колективна свест која ја сублимира простата но строга порака на првиот претседател на независната држава “Македонија е се што имаме”.