Федерер од понеделник повторно светски рекет број еден

Роџер Федерер в понеделник ќе се врати на врвот на АТП-листата со пласманот во финалето на „Мерцедес куп“ во Штутгарт по тешката победа на 20-кратниот гренслем-шампион над Австралиецот Ник Кирјос од 6-7 (2), 6-2, 7-6 (5) на турнирот на трева.

„Чувствувам голема среќа и олеснување. Беше израмнето и можеше да заврши поинаку, но среќен сум што успеав и што ќе се вратам на првото место в понеделник“, изјави победникот по мечот.

„Веќе имавме толку многу тајбрејкови досега, го заборавив бројот. Во ниту еден момент не беше лесно, дури и пред последната меч-топка помислив дека ги изгубив последните неколку мечеви тука пред меч-топката. Помислив дека можеби ќе се случи истото повторно, но кога го собрав полуволејот бев многу среќен“, додаде Федерер, кој лани во Шутгарт беше нокаутиран на стартот од ветеранот Томи Хас по загубениот тај-брејк.

Швајцарецот што во август ќе наполни 37 години задутре ќе го прескокне Рафаел Надал без оглед на утрешното финале против 35. светски рекет во моментов Милош Раониќ од Канада, кој во другото полуфинале славеше со 6-4, 7-6 (3) над Лукас Пуј од Франција.

Ова ќе биде третпат сезонава Федерер да ги предводи најдобрите светски тениски професионалци. Од 2004 година наваму тој помина 309 седмици на чело на ранкингот.

 

SHARE