Ферид Мухиќ: Пратеници Албанци спречија вооружени групи да дојдат пред Собранието на 27-ми април

На денешното судење за 27 април уште еден сведок ги спомна вооружените групи на Албанци кои на 27-ми април биле подготвени на вооружена акција во Собранието.

Овие групи беа спомнати повеќе пати во минатото, а последен во своето сведочење ги спомна пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ.

И професорот Мухиќ, кој денес сведочеше пред судот за настаните од 27-ми април, направи осврт на овие случувања:

„Некој од пратениците Албанци кажа деа била во зачеток акција на група Албанци да преминат со оружје преку Вардар, но пратениците Албанци успеале тоа да го спречат“, изјави Мухиќ.

Претходно и во емисијата „КОД“ емитувана на 01.04.2018 година беа објавени детали од сведочењето на Агим Нухиу на 10-ти ноември во основното јавно обвинителство, на само 17 дена пред апсењето на осомничените за тероризам.

Во емисијата се соопштува дека Нухиу на 27-ми април имал информации за вооружени групи Албанци и екс-борци на УЧК кои сакале со оружје да тргнат во акција кон Собранието.

Интересно и индикативно е што сеуште не се знае кои се граѓаните Албанците со оружје и екс-борците на УЧК кои биле подготвени за вооружена акција, а за одговори пред неколку месеци Нухиу беше прашуван и од ВМРО-ДПМНЕ кое бараше Нухиу да каже кои се овие луѓе за кои имал сознанија, од каде им е оружјето, односно дали во Скопје и околината има вооружени групи кои во секој момент се подготвени да тргнат во акција – како и зошто никој не покренал случај за овие групи.

Она што е јасно од сведоците на суд е дека токму ангажманот на пратеници од албанските партии во Македонија бил пресуден за овие групи да се откажат од намерата да започнат вооружена престрелка пред Собранието на 27-ми април.

Тогашниот министер Агим Нухиу не е ниту осомничен во случајот за 27-ми април како министер кој не преземал акција за заштита на Собранието.

Во обвинението на ОЈО, 33 граѓани на Република Македонија се обвинети за Терористичко загрозување на Уставниот поредок на државата. Обвинителството тврди дека обвинетите имале за цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател, иако општопознат факт е дека изборот на Џафери беше завршен пред воопшто да започнат немилите настани во Собранието.

SHARE

Comments are closed.