Филипче бара извинување од Стоилковски, инаку ќе тужи

Министерството за здравство го демантира обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ за донација на лекови со краток рок на употреба од невладина организација во сопственост на министерот за здравство Венко Филипче, отфрлајќи го како лажно тврдење и инсинуации на опозициската партија.

– Ширењето лажни вести, лаги и пропаганда од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните портали е со цел оцрнување на работата на министерот за здравство и обид за добивање ситни дневнополитички поени кои се загрижени поради успешно водење на здравството во Македонија во изминативе месеци, пишува во реакцијата.

Министерството посочува дека невладината организација PHM-CEE, од која дел е и министерот Филипче и која се спомнува во прес-конференцијата и од некои портали, е дел од голема граѓанска меѓународна организација, која не е во функција повеќе од една година. Од здравство појаснуваат и дека инсулинот, кој е со рок на траење до 30 септември 2018 година е потрошен во јули.

– Од 15 август 2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци, а секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење, се вели во реакцијата.

Оттаму го повикуваат портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски јавно да се извини.

– Во спротивно, Министерството за здравство ќе ги преземе сите расположливи правни инструменти согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и останатите позитивно-правни прописи на Република Македонија, се наведува во реакцијата на Министерството за здравство.

SHARE