Полуфиналето на Светскиот фудбалски шампионат во Русија ќе биде мини Европско првенство откако Франција и Белгија ги елиминираа двата последни јужноамерикански претставника Уругвај и Бразил во четвртфиналето. Утре, пак, ќе играат Англија со Шведска и Хрватска со домаќинот Русија.

Французите за своето шесто планетарно полуфинале ги решија Уругвајците во Нижни Новгород со головите на Рафаел Варан во 40. минута и на Антоан Гризман во 61. минута, кога на неговиот удар од 27 метри почетнички реагираше голманот Фернандо Муслера.

Белгијците, пак, уште во првото полувреме во Казан ја одгатнаа загатката Бразил, кога поведоа со 2:0 преку автоголот на Фернандињо во 13. минута и со погодокот на Кевин де Брујне во 31. минута. Опсадата на голот на Тибо Куртоа во продолжението ја круниса со гол резервистот Ренато Аугусто во 75. минута, таа продолжи до крајот, кога Нејмар во судиското продолжение биеше во левиот горен агол, но овојпат Куртоа со врвот на прстите одбрани и ја одведе Белгија меѓу четирите најдобри селекции на мундијалот.

Франција и Белгија ќе играат меѓусебе за финале на 10 јули во Санкт Петербург.

 

Оставете Коментар