Француските „жолти елеци“ одбиваат преговори со владата

Демонстрантите од француското движење „Жолти елеци“  се повлекоа од состанокот со премиерот Едуард Филип кој беше закажан за денеска.

Неофицијално, некои членови добиле смртни закани од „тврдокорните“ демонстранти, да не влегуваат во преговори со владата, дознава Би-би-си.

Движењето кое почна како протест поради контроверзниот данок на гориво од средината на ноември, подоцна прерасна во бунт и поради високите трошоци за живеење и општиот гнев против економските политики на претседателот Макрон.

Тројца луѓе загинаа откако започнаа немирите како резултат на насилството и вандализмот.

Претседателот Емануел Макрон ги обвини политичките противници за киднапирање на движењето со цел да ја блокира неговата реформска програма.

Францускиот претседател во понеделникот одржа итен состанок а министрите велат дека иако не беа отфрлени никакви опции, за време на разговорите не било разговарано за воведување на вонредна состојба.

Лидерот на екстремно десничарската партија, Марин Ле Пен, која беше на средбата, предупреди дека Макрон би можел да стане првиот претседател кој ќе издаде наредба да се отвори оган врз својот народ во последниве 50 години.

Речиси 300.000 луѓе учествуваа на првите демонстрации низ целата земја. Имаше повеќе од 106.000 една недела подоцна и 136.000 луѓе минатата сабота.

Поради ситуацијата во земјата Макрон ја одложи посетата на Србија.