Фрапантни разлики во обвинението и доказите од 27 април

За разлика од наводите дадени од обвинителството за случајот 27 април при изведување на доказите, присутните на денешното судење укажуваат на низа ситуации кои целосно се спротивни на обвинувањата.

На прикажаните видео материјални презентирани денеска се гледа како при влезот на граѓаните во Собранието, пратеникот Љубен Арнаудов ги насочува да влезат во пленарната сала, а не да одат по скалите нагоре. Со тоа се побива тврдењето дека пратеникот координирал со толпата со цел да се врши насилство врз пратениците кои биле на вториот спрат.

На снимката над собраниските скали, се гледа како дел од граѓаните кои се качуваат нагоре по скалите, се спречени од Горан Ѓошевски – Леви, шефот на обезбедувањето на тогашниот спикер Трајко Вељановски кој со раширени раце „како ракометен голман“ направил препрека за да не се качуваат нагоре, после што масата народ застанува и се враќа по скалите надолу.

Од снимките се гледа како Богдан Илиевски кога во еден момент забележува дека неколкумина од горниот дел на скалите ги повикуваат граѓаните да тргнат нагоре, застанува пред насобраните граѓани во холот, на долниот дел од скалите, свртен со грб кон полицијаците од ЕБР и со рацете им покажува да запрат и да останат долу во холот.

Веднаш потоа луѓето застануваат и не се качуваат нагоре – овој момент е дополнително нотиран од страна на неговиот адвокат, откако обвинителството не го искоментира овој момент за време на презентацијата на доказите. Овој момент директно ги отфрла сите наводи дека Илиевски имал цел да се случи насилство во Собранието затоа што во тој случај Илиевски би ги повикал луѓето да се качат горе.

Во презентираните говори на Борис Дамовски и Богдан Илиевски има повици во кои се вели дека оваа криза ќе заврши на избори, дека граѓаните остануваат на улица да протестираат, како и дека ќе продолжат да протестираат мирно како и сите претходни 60 дена.

И овој важен момент кој покажува дека нема повик за насилство воопшто го нема во обвинението.

Таму се буквално исфрлени сите делови во кои се повикува на избори и се презентирани само мали фрагменти од нивните говори, исечени парчиња кои обвинителството ги толкува како потпалување на толпата која беше потпалена од пеењето на албанската химна, а не од повиците за избори.

Монтажа на докази има и кај Владо Јовановски кој забележал дека од неговиот говор кој имал за цел да го привлече вниманието на граѓаните во салата и да ја смири атмосферата, биле изземени/исечени делчиња кои ќе го дадат целиот контекст.

Во исто време погрешно е пренесен неговиот говор во кој не говори за „одвратни“ пратеници како што тврди обвинителството туку за „одродени“, како што појасни Јовановски.

Оперскиот пејач Игор Дурловски засега останува „терорист“ само затоа што се качил на говорницата во Собрание.

За него денеска не беше презентиран никаков говор, видео или друг доказ, иако обвинителство тврди дека и тој ја потпалувал толпата.

SHARE

Оставете Коментар