Светското првенство во Русија во завршницата ќе биде без двете најголеми ѕвезди, откако и Кристијано Роналдо и Лионел Меси со своите репрезентации доживеаја елиминација уште во осминафиналето.

Европскиот првак Португалија, предводен од најдобриот светски фудбалер во последните две сезони Роналдо, загуби со 2:1 од Уругвај. Херој на двократниот светски шампион беше двојниот стрелец Единсон Кавани во 7. и 62. минута, а за Португалците погоди Пепе во 55. минута.

Меси, кој како и Роналдо пет пати беше избиран за фудбалер на годината во светот, a на последниот мундијал ја доби и „златната топка“ за најдобар играч, им асистираше на Меркадо за водство од 2:1 во 48. минута и на Агеро во 93. минута за конечни 4:3 за Франција.

Килијан Мбапе со погодоците во 64. и 68. минута го комплетира пресвртот на „триколорите“, откако Павар израмни на 2:2 во 57. минута. Гризман од пенал во 13. минута го отвори резултатот, а Ди Марија во 41. минута погоди за нерешено на полувреме.

Наспроти замрачувањето на ѕвездите на Роналдо и на Меси, блесна таа на Мбапе, кој со своите 19 години и 193 дена е само вториот фудбалер помлад од 20 години што дал повеќе од еден гол во нокаут-меч на светски шампионат по Пеле, кој постигна хет-трик во победата на Бразил над Франција од 5:2 во полуфиналето на СП 1958. Тогаш Пеле имаше 17 години и 244 дена.

 

Оставете Коментар