Фудбалско лудило во Хрватска – Од Задар, Роберт Димитриевски

За да се доживее фудбалската треска што ја зафати Хрватска по пласманот во полуфиналето на Светското првенство во Русија, нема друг начин освен да се биде на самото место. А има ли посоодветно место за тоа од – Задар? Еуфорија на квадрат кога хрватскиот навивачки фанатизам ќе се спои со далматинскиот темперамент.

Предолги 120 и кусур минути за срцата на фановите на „коцкестите“, кои чукаа со ритамот на нивните миленици на тревникот во Сочи, пред да посакаат да излезат од градите кога Иван Ракитиќ „мртов ладен“ го реализира последниот од серијата пенали за триумф над домаќинот и ново мундијалско полуфинале по 20 години. Експлозија од емоции од „Форум“, каде што се следеше мечот на голем екран, до местата долж задарската ривиера, како Сабунике и куќата за одмор на семејството на нашите пријатели Врбешиќи од Доњи Михољац на хрватско-унгарската граница, 40-тина километри од Осиек.

Е, за неповторливото искуство вредеше да се вози 16 часа со паузи и 840 км од Македонија преку Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина до Хрватска. Уште по влегувањето во Херцеговина се чувствуваше лудата навивачка атмосфера по кафулињата низ гратчињата пред влезот во Хрватска преку автопатот за Сплит. И таму до зори се славеше триумфот на пенали над Данска во осминафиналето, како и сега сличната победа, повторно по пенал-рулет, за повторување на подвигот на генерацијата на Ладиќ, Јарни, Бобан, Шукер, Просинечки и останатите „синови“ на Ќиро Блажевиќ.

Ништо помали идоли на нивните наследници не се денес Модриќ, Ракитиќ, Манџукиќ, Врсаљко, Ковачиќ, Ловрен, Вида. Какви само воздишки измамија, на крајот зачинети со делириум кога претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ збесна од радост покрај рускиот премиер и домаќин Дмитриј Медведев во ложата на олимпискиот стадион во Сочи.

А кога Хрватите слават – нема крај. Дури и концертот на поп-ѕвездата Жак Хоудек во Вир кај Задар дебело доцнеше поради историската фудбалска пресметка со Русите. И почна, се разбира, со навивачката „химна“ – „Вечерас је наша фешта“.

Како во македонската државна химна – старо, младо, машко и женско, на нозе се кренало низ Задар, задарско и цела Хрватска овие денови. За ништо друго не се зборува освен за фудбал и за шампионатот во Русија. Освен, секако, ако не ги потсетите на македонскиот навивачки поход на градот од северниот дел на Јадранот што го опседна „фалангата“ за време на ракометниот мундијал пред девет години, кога Тоше Гечевски беше капитен на кошаркарскиот клуб од легендарното „Јазине“ и омилен кај неговите огнени симпатизери.

Ништо не е поуспешно од – успехот, ќе рече некој мудар. Посебно спортските потфати ја обединуваат нацијата, го крепат патриотскиот дух, љубовта кон татковината, ја вивнуваат до небо самодовербата, го прават поподносливо сивото секојдневие. Од тој еликсир пијат деновиве Хрватска и Хрватите. И како да немаат намера да запрат. Благодарејќи на нивните фудбалски богови, за нив се зборува низ целиот свет и не ја кријат гордоста поради тоа. Буквално на секој чекор се вее „шаховницата“, речиси и да нема возило со хрватски регистарски таблички да не е накитено со навивачки обележја, а море од коцкести црвено-бели дресови ги заплиснува плоштадите на хрватските градови пред, за време и по дуелите на првенството во Русија.

Како ли само ќе изгледа сето тоа ако Лука, Ракета, Манџа и другарите следната недела заиграат и во големото финале во Москва? Одвај чекам со свои очи да видам.

Дотогаш не можам да престанам да се смеам на наводната телеграма од рускиот претседател Владимир Путин до неговата хрватска колешка по мечот:

„Ви честитам. Стоп. Одлична игра. Стоп. Бевте подобри. Стоп. Гас. Стоп. Нафта. Стоп. „Агрокор“. Стоп.“!

 

Оставете Коментар