Ганка Цветанова го подбра Сојуз на борците за поддршката на референдумот

Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова го искритикува различниот однос на Сојузот на борците кон референдумот за територијалната организација од 2004 година и кон најавениот за 30 септември за договорот Заев-Ципрас.

„За оние со кусо паметење, борците дадоа поддршка на референдумот против територијалната организација во 2004 год. и на митингот во Струга на бината застанавме рамо до рамо“, напиша Цветанова на својот профил на „Твитер“ како реакција на информацијата дека Сојузот на борците даде поддршка за претстојниот референдум и за договорот со Грција.

Во претходниот твит таа ја проблематизира и структурата на членството на Сојузот.

„Кои борци, ви се молам?!? Татко ми има 83 год., што значи кога почнала војната имал 6, а кога завршила 10 год. Не манипулирајте со јавноста и не се подбивајте со борците. Имајте барем малку почит!“, твитна таа, а во дискусијата што ја поттикна додаде: „Манипулираат и со вистината и со јавноста, а се подбиваат со народот, а во конкретниов случај и со вистинските борци“.