Где си Тричко, стара п…о – пишува Горан Момироски

Посветено на сите поранешни и идни жртви на Бранко Тричковски

Со мало задоцнување ми пренесоа дека некогаш “големиот” Бранко Тричковски потрошил дел од твоето драгоцено време на гледање и коментирање на емисијата на “груевистичкото зло” или како и да ме нарекол во својот банален обид да биде актуелен и интересен.

Еве го мојот одговор:

Сфаќаш ли дека со пишување на цела колумна за емисијата “60 минути на Алфа” во која гостин беше Владимир Милчин несвесно ја уриваш сопствената теза за небитноста на тие што ги коментираш. И со тоа го потврдуваш твоето ништавило и празна позиција во која се наоѓаш? Дека немаш сопствени идеи и размисли за тоа што ни се случува и затоа како хиена чекаш во македонската прерија да остане парче месо за да можеш да се сладиш од последиците на пресметката на тие што здраворазумски влегуваат во дебата.

Ти за жал не си од тие што имаат храброст да се соочат со реалноста.

Насловот на оваа реакција е од две причини ваков.

Прво, два пати те викав во емисијата “60 минути” на Алфа и ти не дојде. Иако знаев дека си ме навредувал пред колегите и притоа прилично ниско си ја користел мојата килажа за да поентираш, јас те поканив како гостин. Изворно да зборуваш за се што ти лежи на душа. А ти не дојде ама затоа си седнал и си напишал 200 реда за истата емисија каде што се уплаши да дојдеш.

Тие што не знаат дека се плашиш од дебата затоа што брзо пишуваш а бавно мислиш, можеш да ги лажеш дека имаш принципиелен став за неучество во дебата на “телевизијата на злото”. Но аман не се лажи себе си дека освен страв од соочување на аргументи имаш некакви принципи. Освен принципот да се обидеш навредиш и зацрниш секој што ќе ти дојде на дофат, и тоа само по можност да не може веднаш да ти врати.

И второ, никогаш не собра храброст да признаеш и да се извиниш дека како голем комунистички маг на пропагандата имаш директна одговорност за емоциите кои што голем дел од граѓаните сеуште ги имаат кон Албанците и Бугарите. Мислиш дека ако во твое време немало интернет не знаеме дека и ти си тој што во социјализмот директно или индиректно “диференцираше” Албанци а подоцна по налог од “горе” прогласуваше Бугараши. Се лажеш, многу се лажеш.

Не патиш ти по загубата на Милчин за твојата кауза туку патиш што професорот за разлика од тебе има став и не се плаши да го искаже колку и да е тоа тешко. Патиш што професорот ти го одзема главниот аргумент за твоите празни ламентирања. Ти можеш да пушиш пури и понатаму ама фактот дека ВМРО веќе не може да биде алиби за идиотските потези на оваа власт не е поништен и ти тоа добро си го забележал во емисијата. Како што никој не може да ги поништи добрите чекори на оваа власт и истите да ти ги одземе како аргумент.

Јас од почит кон твоите години не те нарекувам некој си Тричко. Исто како што принципиелно никогаш не се согласувам со оценките за тебе од типот “пушти го не е со сите” или “човекот скроз забегал”. Особено кога доаѓаат од луѓе што те знаат и работеле со тебе со децении. Не е фер ниту човечки.

Ти не си забеган, свесен си за се како што беше свесен кога како дописник на Нова Македонија од Софија водеше патолошка кампања преполна со омраза против Бугарите, (Знаеш дека во НУБ Климент Охридски има копии од сите изданија на Нова Македонија) или дека антиалбанството како суштина на многу од твоите писанија беше присутно се додека не те викнаа да ти наредат да трансформираш терористичка организација во политичка партија.

Не си мал, признај си дека веќе не успеваат ниту твоите алегории и имитации на Капиталот на Маркс, дека твоето кумровачко искуство веќе не ти обезбедува место меѓу заслужните и влијателните. И започни веќе нешто да даваш на оваа Македонија. Доста и земаше енергија и други ресурси, најди сила да видиш дека не е се така црно, дека освен твоите омилени зборови смрт, гомна и лајна има и цвеќиња и сонце. И став, и храброст и иднина.

Не очекувам да запреш со твоите дисквалификации на луѓе, затоа што е јасно дека ти од тоа се храниш. Како што е јасно дека додека пишуваш замислуваш како твоите жртви патат од напишаното од тебе и се нервираат. И сонуваш да ти одговорат. За да можеш потоа да се почувствуваш жив и важен и да ги отвориш уште еднаш славините на омразата и црнилата вградени во тебе. И да можеш уште еднаш да добиеш шанса да се израдуваш на можноста за употреба на смртта и чемерот во твоите реченици. Од авион се гледа дека синтаксата ја прилагодуваш на оваа идеја.

Јас не сум од тие, потенцијални жртви на профилите како твојот. Затоа што за разлика од некои твои жртви одамна сум сфатил дека ликови како тебе така си го хранат егото и така го одржуваат високиот капацитет за омраза што ти несомнено го имаш. Без туѓа нервоза, несреќа и болка не функционираш, без мака за твоите мети ти не си ти, се губиш во сопствената неважност и загубен статус. Затоа се обидуваш со сите сили и на сите можни начини да навредуваш, да провоцираш, да користиш обсцени зборови, ако треба да предизвикаш и тужба, само за да се почувствуваш важен.

И тебе ти е јасно дека ова не го пишувам за мене туку како предупредувањр до сите твои следни жртви кои ги чекаш во преријата пред телевизорот и лап топот. Да не те сожалуваат “дека не си со сите” туку да те сфатат како нужно зло на македонската транзиција. Кој од насловни страни и “јаки колумни” во тиражни весници гиганти кои самиот ги уништил од што не можел да види каде оди светот, спадна да коментира некој неважен Горанчо. Кој во исто време е и неважен и носител на најголемото зло или како и да ме нарекуваш. Да не е толку глупо поставено ова твое сиже ќе беше сценарио за филм на Луис Буњуел.

Колку ли треба да си патаксан да мислиш дека педесетина лајкови дневно можат да те вратат во времето на “Комунист” кога те читаа Лазо и Киро и со тоа се перчеше пред цел НИП.

Циклусот ти се повторува и новата фаза ти е неплодна. Иако за да останеш во игра го користиш и Фејсбук резултатот е ист. Како што твоите бољшевистички трактати и модифицирани тези за Фоербах станаа вишок уште во деведесетите така и сега твоите банални изливи на омраза на социјалните мрежи стануваат досадни. Дури ни плукањето по Милчин и мојата небитна фигура не ти помага веќе. Ама биди упорен.

Затоа што има и други луѓе на кои што се палат на опседнатоста со смртта, уништувањето, злото и самоуништувањето, за што ти си мајстор. И затоа, што се однесува до мене треба да продолжиш да пишуваш. И заради себе и заради нив.

Се додека имаш барем 50 лајка треба да пишуваш, затоа што само така луѓето ќе зборат за тебе. Што гледаме дека ти е важно, особено во оваа фаза на твоето интелектуално ништавило.

Се надевам дека овие редови ќе ти помогнат во твојата секојдневна мисија да најдеш движечка сила за нова омраза, за нови навреди, за нови гомна и лајна, што незапирливо излегуваат од твојата тастатура и мал мозок. И така да купиш уште некој “плоден ден”.

Ако ти си решил така да живееш во тотален судир со реалноста и со рационалноста тоа е твоја одлука и така живеј. Но притоа сноси ги машки и последиците и немој да кукаш како дете кога луѓето со злоба враќаат на твојата злоба.

Затоа што некој има фетиш да твори омраза и навреди како тебе, некој да пали џипови од 66 илјади евра а некои пак да ставаат лајкови на делата на првите две категории. За сите три фетиши следуваат казни. Сега или подоцна.

Искрено жално е што големиот и важен Тричкоски што беше консултиран за полициски акции, за дипломатски офанзиви и други државнички работи се спушти на нивото на еден Неделко или Паралитико. Сите да тераат мајтап со големиот “општествено политички работник” кој имаше директен пристап во ЦК. И сите да го жалат затоа што веќе не знае ни што мисли ни што пишува.

Ако ова што го правиш те исполнува продолжи и понатаму, ја имаш целата слобода да ме користиш како причина за иницирање тазе зло и омраза. Ако ти треба причина за да ти се крене негативната енергија само пукај.

Еве ти и предлози: свиња дебела, небричен, небањат, груевист, мицковист, режим, зло, смрт, да умре небитниот Горанчо, змии да го јадат во пеколот, злосторник, платеник, и така натаму. Сигурен сум дека ќе се снајдеш, веќе имаш огромен опус и добар фонд на чувства, зборови и практики.

5 Коментари

  1. Koga ke zamine SDSM od Vlasta, treba zasrkogash da zamine od politikata vo Makedonija.
    Nikogash Veke da nema SDSM vo Makedonija!
    (ako ima osnov SDSM I da se zabrani kako ekstremna partija so program baziran na Tiranskata platforma!)

Comments are closed.