Loading...

Соорганизаторот со Данска на Светското ракометно првенство 2019, Германија, очекува многу навивачи на Македонија да дојдат во Минхен во јануари за да ја бодрат својата репрезентација.

Токму македонската „фаланга“ ја посочи претседателот на Ракометната федерација на Германија (ДХБ), Марк Шобер, кому поважен му е организацискиот аспект отколку спортскиот, „кој е во надлежност на селекторот Кристијан Прокоп“, како што рече.

„Нашата цел е полни сали во сите четири града. Хрватска и Македонија ќе донесат многу фанови во Минхен. Исто така, се надеваме да видиме многу гледачи од големата јапонска колонија во Дизелдорф, како и Србите што живеат во и околу Берлин за германската група“, изјави Шобер.

Дневниот билет за по три натпревара во првите две кола во салата „Олимпија хале“ во Минхен чини 47 евра, а за преостанатите три по 31 евро.

Македонија во групата Б ќе стартува против аутсајдерите на хартија – на 11 јануари ќе игра со Јапонија, а два дена подоцна со Бахреин. Потоа почнува одот по маките: Хрватска (14 јануари), Шпанија (16 јануари) и Исланд (17 јануари).

Освојувачите на првите три места во осминафиналето ќе вкрстат со трите најдобри селекции од Групата А во Берлин, која ја сочинуваат бранителот на титулата Франција, кодомаќинот Германија, како и Србија, Русија, Бразил и Јужна Кореја.