Германија размислува да си обучува медицински сестри во Македонија

Заради надминување на недостигот од квалификувани здравствени работници, германскиот сојузен министер за здравство Јенс Шпан се застапува за обука на медицински сестри во странство, кои потоа би работеле во Германија.

Македонија, Косово, Филипини и Куба се земјите што ги наведе тој како можни соработници во реализацијата на оваа негова идеја.

„Од буџетот повторно добивме девет милиони евра, кои ни овозможуваат да најдеме партнери за соработка во медицински училишта во странство“, изјави Шпан.

Неговиот план опфаќа обука на негуватели во странство, каде што на идните квалификувани работници би им се овозможиле во исто време да го научат и германскиот јазик.

„Во идеален случај, тие потоа на крајот од обуката треба да почнат со работа во Германија“, објасни министерот од редовите на Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел.

 

SHARE

Оставете Коментар