Германија сака да го олесни влезот за македонските работници

„Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока“. Ова е дел од излагањето на државниот министер за Европа при германското МНР, Михаел Рот, на денешната заедничка трибина во Античкиот театар во Охрид со македонскиот шеф на дипломатијата.

На интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“, на која присуствуваа одвај петнаесеттина луѓе, претежно општинска администрација, Рот уште изрази задоволство што голем број Македонци живеат и работат во Германија, посочувајќи ги како значајен сегмент што придонесува во збогатувањето на германското општество, но и економијата.

„Сакаме да го олесниме начинот на кој тие можат да дојдат и да работат во Германија, но сепак за тоа постои режим воспоставен во рамки на ЕУ и Шенгенската зона. Она што е наша интенција е сепак да се изнајдат начини за поедноставување на таа процедура, рече Рот, истовремено посочувајќи ја заинтересираноста на германските компании за инвестирање во Македонија, како начин за отварање нови работни места и севкупно подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, особено за помладите генерации“, рече Рот.

На трибината, покрај германскиот гостин и министерот Димитров, присутни беа и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, како и градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

„Посетите на канцеларката Ангела Меркел, денешната посета на Рот, како и веќе најавените посети на неговиот германски колега, како и министерката за одбрана, се потврда на силниот интерес на Германија за Македонија конечно да застане на нозе и да зачекори напред“, истакна Димитров.

Оставете Коментар