Героски бара од Заев да се гони Палевски за инцидентот со боја

Новинарот Бранко Героски му напиша отворено писмо на премиерот Заев:

ПРАШАЊЕ ДО ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ ВО ВРСКА СО НАПАДОТ ИЗВРШЕН ВРЗ МЕНЕ НА 18 СЕПТЕМВРИ 2017 ГОДИНА ОД СТРАНА НА ЛИЦЕТО Љ.П.

Почитуван премиере Зоран Заев,

Бев присутен на конференцијата за медиумите од Западен Балкан, што ја организираше ЕУ во Скопје. Во Вашиот настап, пред еврокомесарот Јоханес Хан и пред околу 300 медиумски работници од регионот, меѓу другото, јавно се заложивте за расветлување на сите напади врз новинарите во Македонија.

Па еве, сакам да ја искористам можноста во врска со тоа да Ви поставам прашање:

На 18 септември 2017 година, во центарот на Скопје, лицето Љ.П., кое Вам многу добро Ви е познато, пред очите на педесеттина сведоци, пред мноштво камери и фотоапарати, врз мене изврши физички напад, со употреба на средство штетно по здравјето. Како што може да се види од видео-снимките, јас на нападот не возвратив.

Познато е и тоа дека нападот беше најавен јавно. Пред да се случи, јас за тоа јавно го известив Вашиот министер за внатрешни работи, Oliver Spasovski. Во една друга прилика, пред нападот, лично Вас ве известив за закани кои доаѓаат од човек близок до лицето Љ.П. Човек кого Вие исто така добро го познавате.

Наспроти сево ова, полицијата не презеде никакви мерки да го спречи нападот. На местото на настанот немаше никакво присуство на лица од униформираниот состав на полицијата. По кривично-правниот настан, МВР не презеде никакви мерки за расветлување на случајот. Никој од мене не побара изјава. Никој не ми се јави да праша што се случило.

Да напоменам дека јавно понудив и се уште поседувам и материјален доказ за опасноста на која бев изложен. МВР не се заинтересира да го преземе доказот.

Премиере Заев, зошто МВР ништо не презеде и се уште ништо не презема во врска со овој напад врз мене?

Извесно време по настанот, лицето Љ.П. објави пресретната и-мејл комуникација, односно мое писмо испратено по електронска пошта на одредена адреса. Добро знаете дека тоа е кривично дело. МВР воопшто не реагираше во врска со тоа.

Бев повикан во СЈО да дадам исказ. Претпоставувам дека обвинителката Kejty Jan (Катица Јанева) за тоа била известена. Таму ја потврдив автентичноста на моето писмо и покажав директен доказ дека тоа е испратено од мојата и-мејл адреса. Се обврзав за детаљите на мојот исказ да не зборувам јавно, па засега ќе го почитувам тоа.

За жал, до денес нема никаква реакција од СЈО. Наместо реакција, кратко време потоа на Фејсбук престанаа да се емитуваат познатите снимки од Јутјуб профилот “Никола Тесла”, а потоа се слушнаа шпекулации дека некој направил добар пазар со лицето Љ.П. Јас во тоа не сакам да верувам, но работите навистина изгледаат многу чудно.

Како и да е, премиере Зоран Заев, сакам јавно да Ве прашам – дали Вие и Вашиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе преземете мерки за кривично или прекршочно гонење на напаѓачот Љ.П.? Или и понатаму ќе го игнорирате настанот од 18 септември 2017 година, кој е целосно документиран?

Со почит,
Бранко Героски,
новинар

SHARE