Героски до Шилегов: Поканата за Саше Политико најдобро кажува за твоето ниво

Главниот уредник на весникот Слободен Печат и координатор на порталот Плусинфо го обвини градоначалникот на Скопје дека е ментор на Саше Политико и дека на настанот по повод една година од преземањето на градоначалничката функција се случил глупав перформанс на кој не бил пуштен новинарот на порталот.

Целото обраќање на Героски до Шилегов

Петре Шилегов,

Мојата колешка Анета Стојковска, уредничка на градската рубрика во “Слободен печат”, ми раскажа дека на славната отчетна журка си ме спомнал, во обид да се прикажеш духовит.

Имено, си рекол дека жалиш што Саше Политико не дошол на забавата, веројатно знаејќи дека јас сум поканет, а и јас не сум дошол веројатно поради тоа што бил поканет поликлиничкиот случај.

Вака стојат работите, градоначалниче. Во врска со настанот, уредно ми се јави Влатко Васиљ (Оддел за односи со јавност на град Скопје). Мислејќи дека најавената вечеринка е некаков брифинг, на Влатко му кажав кој ќе присуствува од “Слободен печат” и му нагласив дека не сум сигурен дека ќе можам да дојдам, па најверојатно ќе дојде претставник на Плусинфо. Не прашав кој е поканет. Така што не знаев дека се очекувало присуство на важниот гостин.

Како и да е, жал ми е што твоето протеже Саше Политико – немој, те молам, да ме тераш јавно да образложувам зошто го нарекувам така, оти ќе биде многу непријатно! – не дошол на забавата поради мене. Јеби га, шит хепнс! А твојата покана до него најдобро зборува за твоето ниво и за тоа како ги разбираш медиумите.

Инаку, да знаев дека журката била замислена како некаков глупав перформанс, поради кој деновиве со право си изложен на жестоки критики, немаше да ја пуштам уредничката Стојковска, а уште помалку да ти се јавувам и од тебе да барам извинување што организаторите не го пуштиле претставникот на Плусинфо. Момчето не се снашло изгледа – мислело дека оди на брифинг, а не на заебавање. Не би се снашол и јас, право да ти кажам…

Како и да е, во иднина те молам да не ја плакнеш устата, спомнувајќи го моето име во мое отсуство. Тоа не е сообразно со основните правила на пристојното поведение, што се стекнуваат со домашно воспитување.

ПС. Извини, ама бидејќи си ме спомнал јавно, пред поголема група луѓе, ти одговарам јавно.