Гешовска: Македонија е заробена во коруптивни амплитуди на “Пазарџии”

Невладината активистка и учесник на “Шарената револуција” Искра Гешовска со обвинување за властите кои според неа сеуште толеририраат корупција и во културата.

“Еве вака стојат работите – оваа земја е сѐ уште заробена во ситните клиентелизми, партиските нати – го – дај – ми – го концепти на владеење. Оваа земја е заробена во коруптивните (не мислам само на финансиски, во мигов на тоа најмалку!) амплитуди на умовите кои пазаруваат со нашите животи, со нашето општество, со нашата култура.

Се лаже оној кој мисли дека наскоро, во оваа последна дупка од шупелката, ќе успееме да го смениме општествениот партиско-султанско-клентиелистичко-коруптивен наратив.

Со сигурност пловиме кон несреќната размена на „кандидати“ а не на визии, знаења, експертиза.

Ние, се чини, сѐ уште, и после 25 години не можеме да говориме за автономија на културните политики. Зошто? Затоа што не им се дозволува на оние што разбираат што значат општествената, политичката и историската вредност на културата и на оние кои имаат знаење, волја, па ќе ми дозволите да речам, и љубов да ја обмислуваат културата, и институционалната и вонинституционалната, да управуваат слободно, постапувајќи според својата експертиза.

Не, не – нема да нѐ биде сѐ додека барем во овој сектор не престанат да ѕвонат телефоните „одозгора“, кои јавуваат каде кој директор треба да биде поставен, кому треба а кому не треба да му се дозволи да мисли и создава, кој има партиски или не знам си какви клановски заслуги. Не, не – нема да нѐ биде сѐ додека не ја ослободиме, пред сѐ, културата од „малата партиска врата“.

Од членовите на Социјал демократскиот сојуз на Македонија, кои имаа 10 години време да размислат како понатаму ќе ја градат политичката и пред сѐ критичката култура во Република Македонија, кои 10 години имаа простор да изградат спремни стратегии за да се започне со расчистување на сиот смет кој ни го остави во наследство ДПМНЕ, очекував и очекувам, конечно да ја сфатат „идејата за културата“ (ги молам советниците на премиерот и извршните органи да погледнат што Тери Иглтон подразбира под оваа референца). Ги замолувам да разберат дека културата не е само одење по концерти, изложби, претстави, а најмалку дека е трошка за поткусурување на партиските и меѓупартиските апетити, туку дека таа е длабоко вкотвена општествена динамична и двигателна турбина, која ги проникнува сите клучни општествени пилари и без која не може да се придвижи ниту една друга промена. Културата е капитал, најрафиниран, но и најцврст камен темелник врз чии основи се градат образовните, економските, социјалните пирамиди.

Дали едно општество ќе го читаме како еманципаторско и развојно, современо и демократско, слободно или заробено во голема, ако не и во најголема мера зависи од тоа како стратешки ќе ги обликуваме вредностите кои припаѓаат на културната и уметничката продукција, а кои се нарекуваат културни политики.

Време е (а можеби и предоцна е веќе) членовите на Социјал демократскиот сојуз да разберат дека имаат клучна улога во девастацијата на културните вредносни системи, како и во затруеноста на социо-културниот простор. Она што ни се случи во изминатите десет години е резултат на целосното игнорирање на СДСМ на политичката релевантност на културата.

И она што е најважно – ги замолувам сите советници во Владата на Република Македонија, официјални и неофицијални, кои имаат можност да „зборат со Заев“, односно да влијаат не само врз одлуките на премиерот туку и врз генералните стратешки политики кои ги креира раководството на СДСМ, да кажат збор два за тоа дека без ослободена култура нема да има ни ослободено општество.

Тажна е оваа земја… Многу тажна… Блаже Конески одамна беше сфатил колку е тажно…”, пишува Гешовска која објавува песна на Блаже Коневски за да ја опише ситуацијата во земјава.

Планина

Има еден слој врз душата:
со нокти би го гребел,
со еге би го стругал,
би го стружел со ноже како лишај на карпа.
И да се случи
дури со волк да се здавам,
да го преколам,
и да сум здивен сосем —
пак таа скрама!
Планино, рамна рудино,
планино со два огромни колка,
ништо не лекува,
само нè слекува
до основната болка.

Оставете Коментар