Го убедуваат Каменос колку е добар преспанскиот договор

Грчкиот министер за дигитална политика и телекомуникации, Никос Папас во интервју за грчката телевизија „Контра“ вели дека се настојува да се убедат скептиците, меѓу кои и министерот за одбрана Панос Каменос, дека договорот од Преспа ќе биде позитивен и во интерес на Грција.

Папас е убеден дека постои мнозинство во грчкиот Парламент кој ќе го гласа договорот, но и дека има доволно време да се убедат и скептиците.

„Очигледно е дека постојат различни мислења меѓу владините партнери за прашањето за решавање на македонскиот проблем. Сметам дека во овој момент и во грчкиот Парламент постои мнозинство со кое ова решение, што се наоѓа на маса, може успешно да помине“, вели Папас како што пренесува МИА од Атина.

Владејачката СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас и помалиот коалиционен партнер во владата, „Независни Грци“ на Панос Каменос, заедно имаат 152, од 300 пратеници во грчкиот парламент.

Во Грција не е многу јасно дали договорот од Преспа треба да се изгласа со 3/5 од бројот на пратениците како што налага уставот кога се во прашање меѓународни договори или е потребно просто мнозинство од 151 глас.