Гордан Георгиев: Албанската култура е помоќна од македонската

DIGITAL CAMERA

Екс пратеникот на СДСМ и еден од најталентираните политичари во левицата кој со доаѓањето на Заев за лидер е политички маргинализиран со интересна анализа за односите меѓу двете најголеми заедници во Македонија.

АЛБАНЦИТЕ (ПРЕДЛОГ – ПРИРАЧНИК ЗА МАКЕДОНЦИТЕ)

Гордан Георгиев

„Јас немам проблем со Албанците, имам многу пријатели Албанци, одам во Турска чаршија, им честитам Бајрам, би сакал дури и да научам албански…“.

Ова е извадок од типичен „мал“ разговор некаде низ дебармаалските кафулиња, центарот на сите оние опинион мејкери, риск тејкери и полиси фејкери. Без разлика на наметливата и нескривлива провинцијалност, овие кафе-епигони наликуваат на Les Deux Magots и Café de Flore, во предвечерјето на мај ’68 година, токму пред да се случи следната француска и светска „револуција која не се случи“.
Разговор лишен од секаква супстанција, самодоволен и со рок на траење до гасењето на второто догорче во пепелникот. Разговор кој, и да се случи, како да не се случил бидејќи не претставува никаква случка.

А кој си ти пак за да имаш или немаш проблем со Албанците? И кои се Албанците? И што сакаш да ми кажеш? Дека ти немаш проблем додека другите околу тебе имаат проблем? И кој е тој проблем? Зошто зборот „проблем“ секогаш го поврзуваш со Албанците?

Република Македонија има многу нерешени и неколку нерешливи прашања. Решливите ќе мора едно по едно да ги решава, а нерешливите ќе мора постојано да ги негува. Едно од „нерешливите“ прашања е т.н. албанско прашање.

Албанците во Република Македонија се наоѓаат во позиција на „чудна дијаспора“. Тие не се населени од друго место, нивните корени и во историска и во географска смисла се овде, на овие парчиња земја, повеќе или помалку распослани тука и таму, со помош на историските и геополитичките ветришта и цветни прашници.

Тие се родени тука, што би се рекло дома, а постојано како да мечтаат за некаква друга „дома“ бидејќи дома е секогаш удобно, а надвор е непознато и студено.

Живеејќи во сопствената држава (Република Македонија), позицијата на оваа чудна дијаспора дополнително се компликува со поделбата преку физичката / географска граница со имагинарната „дома“ (Република Албанија).

Ова ја прави албанската етничка заедница во Македонија на некој начин заложник на Големите (големите / мнозински етнички Македонци и големите Албанци отаде венецот Кораб / Шара). Исто така геополитиката на Балканот (сосе нерешениот статус на Косово) ги става македонските Албанци во уште понелагодна бинарна позиција: неприфатени во родното место, а тешко посакувани на друго место.

Оттука можно ли е митот за Голема Албанија да е жив само во Македонија? А важно ли е тоа кога се работи само за мит? Сѐ дури е мит ќе биде жив, во моментот кога митот оживува тој всушност умира. Таква е судбината негова, како и на сите митови впрочем.

ГЕОПОЛИТИКАТА НА БАЛКАНОТ (СО СЕ НЕРЕШЕНИОТ СТАТУС НА КОСОВО) ГИ СТАВА МАКЕДОНСКИТЕ АЛБАНЦИ ВО УШТЕ ПОНЕЛАГОДНА БИНАРНА ПОЗИЦИЈА: НЕПРИФАТЕНИ ВО РОДНОТО МЕСТО, А ТЕШКО ПОСАКУВАНИ НА ДРУГО МЕСТО

Сосема поинаква е природата на либералниот мит дека Македонците и Албанците живеат во меѓусебна хармонија, ама политиката и елитите се тие што им ги загорчуваат животите. Тоа едноставно не е точно или е точно само во главите на дебармаалските кафеџии и за време на скапите приеми по скопските хотели и резиденции.

Точно е дека „меѓуетничкиот“ бизнис живее релативно хармонично, мафијата и криминалот исто така. И точно е дека политичките елити живеат во една постојана и повремено нелагодна хармонија, еден вид премолчен консензус.

Граѓаните Македонци и Албанци не живеат ни добро ни лошо, едноставно не се познаваат. Не се мажат ни женат меѓусебно, не излегуваат на исти места, учат во различни школи, читаат различни книги и најчесто гледаат различни телевизии.

Друг важен, во случајов и поразителен, индикатор е дека академските заедници на двата етникума речиси и да не комуницираат меѓусебно. Се препознаваме, по добро или лошо, ама по ситни нешта: кога Артим Шаќири ќе даде гол за Македонија или кога ќе се случи меѓуетничка тепачка во некое средно училиште.

Постојат „различни“ Албанци. Некои Албанци сакаат да се интегрираат во општеството (ние сме родени овде, ова е моја татковина, сакам да ми биде овозможено да се чувствувам како дома), некои делумно стравуваат од интеграцијата (ќе се претопиме, секогаш ќе бидеме потстанари, ама барем во локалните средини ќе газдуваме), некои се помирени со судбината (тоа е тоа, и така не нѐ интересира државата Македонија, имаме роднини на Косово, Швајцарија и таму ја лоцираме нашата лојалност), последниве пак отворено не сакаат да живеат овде (нема живот со Македонците, сакаме етничка интеграција со нашите браќа и братучеди отаде границите).

Албанците во Македонија се појавија во 2001 година, и тоа на голема врата, во подножјата на Шар Планина и Корапска Врата.

Пред таа 2001 година како да се добиваше впечаток дека Албанците беа „хендлани“ од македонските политички елити, и тоа по примерот на Милошевиќева Србија, ама помеко (за среќа, државата немаше тенкови и силна армија), и потолерантно (македонското општество, и самото жртва на поткусурување во историјата на овие простори, го немаше тој империјалистички порив за „чиста нација“ веројатно стравувајќи дека едноставно нема сила за такви подвизи).

Исто така кревкоста на македонското општество придонесе кон поголема пропулзивност кон „странскиот фактор“ кој се чини дека подобро од нас знаеше дека државата е буре барут и мораа да инвестираат во бебето кое, ете, „родило се, ваља га љуљати“.

МАКЕДОНЦИТЕ ТРЕБА ДА СФАТАТ ДЕКА АЛБАНСКАТА КУЛТУРА ИЛИ КУЛТУРЕН ПРОСТОР Е ПОГОЛЕМ И ПОМОЌЕН ОД МАКЕДОНСКИОТ.

И ДЕКА ДОМИЦИЛНИТЕ АЛБАНЦИ ТРЕБА ДА БИДАТ ИНТЕГРИРАНИ ВО НАШИОТ ПРОСТОР ЗА И НИЕ ДА БИДЕМЕ ПОДОБРИ И ПОМОЌНИ. ЈАЗИКОТ, КУЛТУРАТА, РЕЛИГИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ ПРЕЗЕРВИРААТ БИДЕЈЌИ ТИЕ ГИ ПРАВАТ ОНА ШТО СЕ. ОСТАНАТОТО Е ПРЕДМЕТ НА ЛОЈАЛНОСТ КОН ДРЖАВАТА ВО КОЈА СМЕ РОДЕНИ. ДА ГО НАРЕЧЕМЕ ТОА „ОСТАНАТОТО“ КОНСТИТУЦИОНАЛЕН ПАТРИОТИЗАМ

Од денешен ракурс, за етничките Македонци можеби романтично изгледаат деновите кога Албанците беа политички претставувани од Абдулрахман Алити (вистинскиот човек чие појавување секогаш ќе беше во погрешно време) и од лошиот двоец Арбен Џафери-Мендух Тачи системски предодреден никогаш да не дојде на власт, но симболички важен да служи како плашило за Македонците.

Велам романтично затоа што на политичките елити им се чинеше дека можат да ги хендлаат „питомите“ Албанци, а по потреба да испукаат по некој куршум за да покажат кој е овде газда, а кој потстанар.

Се разбира, денес албанскиот политички корпус е приказна за себе. Тој не е доволно издиференциран во политичка смисла (власт / опозиција) бидејќи постојано и речиси ексклузивно се занимава со етнички прашања.

Ние Македонците не би требало премногу да им замеруваме на политичките претставници на Албанците за тоа. Ние отпосле, за жал и со жртви, ја сфаќавме очигледната дискриминација која постоела во минатото кон луѓето кои по игра на судбината, како и ние самите, се родиле баш тука.

Сега, кога главниот носител на национализмот кај македонските Албанци (ДУИ) и нивниот прв бајрактар „и во војна и на свадба“ Али Ахмети по сопствено признание ја исцрпи својата (етничка) агенда, треба да видиме како во иднина ќе се постават контурите на поведението на главната албанска политичка партија.

Во ДУИ веќе цел месец зад затворени врати дискутираат за идниот концепт на партијата, која тие милуваат да ја поистоветат со интересите на сите Албанци во Македонија.

Судејќи според јавните изјави на Али Ахмети, донесувањето на Законот за јазиците е последното камче во етничкиот мозаик и претставува фактичко затворање на етничката агенда на македонските Албанци.

Заокружувањето на оваа агенда ќе биде и одлична симболична прилика за повлекување на Али Ахмети од политичката сцена. Има ли Ахмети веродостојни наследници, верни на вистината и достојни за интеграција по завршувањето на етничката агенда? Со возбуда и со трема како пред испит ќе ги чекаме фиданките на неетничката агенда на Албанците…

На некој начин, и без грам иронија, од позиционираноста на Албанците од денес, па натаму ќе зависи граѓанскиот концепт на државава.

Сепак, како што ни беше кажано, граѓанскиот концепт во Македонија официјално стапи на сила од декември 2016 година.

Да, тоа дејствува како дијазепам по 10 години етнички неспокој, иако се чини дека најавата на овој граѓански концепт беше малку преуранета, ако не и измислена како предизборна парола и аритметички начин за добивање на десетици илјади албански гласови бидејќи поставеноста на политичките партии и карактерот на македонското општество не нудат брза пруга кон мултикултурализмот.

Исто така перверзно пренагласен беше повикот на неколкумина македонски и албански интелектуалци дека со минатите избори (2016 г.) и со самиот пад на Груевски Македонија доби граѓански концепт.

Тоа едноставно не е така и тоа се гледа најмалку во две точки: токму Законот за употреба на јазиците и решавањето на спорот со името. И двете прашања се решаваа(-т) на мускули, и за двете прашања клучен е етничкиот, а не граѓанскиот ракурс.

Грубо кажано, Албанците велат Закон за јазици и промена на името сега и веднаш, а Македонците велат не нѐ терајте со сила и прекутрупа. Сепак, ненајавениот неуспех на граѓанскиот концепт не треба да нѐ разочарува, безбели тоа не е единствената сламка за спас на оваа држава.

АЛБАНЦИТЕ МОРААТ ДА ПОКАЖАТ СЕНЗИБИЛИТЕТ КОН МАКЕДОНЦИТЕ ВО СМИСЛА НА ПОТРЕБАТА ЗА ГРАДЕЊЕ НА ИДЕНТИТЕТОТ И ПОСЕБНОСТА ВО ОДНОС НА ДРУГИТЕ, НЕШТО ЗА ШТО МАКЕДОНЦИТЕ ИМААТ ИСТОРИСКИ ФРУСТРАЦИИ, ОСПОРУВАЊА И ПОТРЕБА ДА СЕ НАГЛАСИ ТАА КОМПОНЕНТА. ОВИЕ ДВА НАРАТИВА НЕ МОРА ДА УПАЃААТ ЕДЕН ВО ДРУГ И ДА СОЗДАВААТ ТЕНЗИИ ВО ОПШТЕСТВОТО, САМО ТРЕБА ДА СЕ ПРЕПОЗНААТ И ДА СЕ ПРИЗНААТ, КОЕГЗИСТЕНТНИ И НЕКОМПЕТИТИВНИ. ДОКОЛКУ МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ ЗАЕМНО СИ ЈА ВРАЧАТ ОВАА ПОДДРШКА, ЌЕ ИМАМЕ ДОЛГИ МИРНИ ЛЕТА

Е сега, големите западни либерални професори нѐ учеа дека во поделените општества или ќе има мултикултурализам или нема да има општество. И самиот сум бил некритичен мултикултуралист, сега веќе не сум, барем не некритичен.

Романтично сум верувал дека ете баш Република Македонија е речиси совршен модел на мултикултурно општество, погоден дури и за извоз. Но, никој нема да ги запамти умните зборови на либералните интелектуалци кога недореченото мултикултурно општество ќе вивне во пламен. Тие и тогаш сигурно ќе имаат нешто паметно да кажат.

Сепак, крајот на мултикултурализмот не значи нужно крај на мултиетничкото општество, дури не значи ни федерализација.

Македонците треба да сфатат дека албанската култура или културен простор е поголем и помоќен од македонскиот.

И дека домицилните Албанци треба да бидат интегрирани во нашиот простор за и ние да бидеме подобри и помоќни. Јазикот, културата, религијата треба да се презервираат бидејќи тие ги прават она што се. Останатото е предмет на лојалност кон државата во која сме родени. Да го наречеме тоа „останатото“ конституционален патриотизам.

На другата страна Албанците мораат да покажат сензибилитет кон Македонците во смисла на потребата за градење на идентитетот и посебноста во однос на другите, нешто за што Македонците имаат историски фрустрации, оспорувања и потреба да се нагласи таа компонента. Овие два наратива не мора да упаѓаат еден во друг и да создаваат тензии во општеството, само треба да се препознаат и да се признаат, коегзистентни и некомпетитивни. Доколку Македонците и Албанците заемно си ја врачат оваа поддршка, ќе имаме долги мирни лета.

МАКЕДОНИЈА ПО НЕКОИ ЧУДНИ ПАТИШТА УСПЕА ДА ОПСТОИ КАКО НЕЗАВИСНА ДРЖАВА ВО 1991 ГОДИНА И ПОКРАЈ СИТЕ ВОЈНИ КОИ БЕСНЕЕЈА ОКОЛУ НАС, И ПОКРАЈ СИТЕ ЕМБАРГА, ОСПОРУВАЊА И ПОНИЖУВАЊА КОИ ГИ ДОЖИВЕА ОВОЈ НАРОД. БАРЕМ ОД ТОГАШ, МАКАР И ОД ТОГАШ, ОВАА ДРЖАВА ВЕЌЕ 27 ГОДИНИ Е НЕСОМНЕН ФАКТ. ПРОБЛЕМАТИЧЕН ДА (!), ЕТНИЧКИ КОМПЛИЦИРАН ДА (!), АМА Е ФАКТ КОЈ НЕ МОЖЕ ТУКУТАКА ДА СЕ ПРЕНЕБРЕГНЕ. ЗАТОА ЈАС НЕ СУМ ПЕСИМИСТ ВО ОДНОС НА ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКО-АЛБАНСКИТЕ ОДНОСИ ВО ЕДНО ОПШТЕСТВО

Кога граѓаните Албанци ќе ја исцрпат етничката агенда треба да понудат во најмала рака неетничка агенда. Тоа е економија и бизнис, тоа е земјоделие и регионален развој на неетничка основа, тоа е функционална администрација и крај на клиентелизмот, тоа е туризам и здрава околина за сите. Тоа би било едно општество за сите. Прашајте ги читателите, и Албанци и Македонци, на Економија и бизнис, и верувам дека ќе ви го кажат истово. Културните, образовните, јазичните и останатите права и потреби се посебен корпус на заедниците. Мојот личен корпус на тој тип права на пример се состои во одење на кино, седење во кафулињата кои мене ми се пријатни, слушање музика која јас ја сакам, зборување на јазикот кој јас сакам да го зборувам и разбирање со луѓето со кои сакам да се разберам. Образование на македонски јазик, и на англиски, и на француски, и на германски итн. Морам ли да бидам Македонец, а другиот да биде Албанец за да бидеме на различни страни по овие прашања? Колку вие, ооо Македонци, се идентификувате со останатите Македонци по овие прашања? Како Македонци, сите ли одите на концертите и на Цеца и на Крафтверк? А сте помислиле ли дека на вашите концерти на Цеци и Крафтверзи можеби во публиката има и Албанци? И Турци, и Бугари, и Срби? Кој ви е културолошки поблизок? Тие што одат на вашиот концерт или тие што одат на концертот на спротивниот „табор“? Вие Македонци, дали ја сакате повеќе Фатиме затоа што го обожува Аца Лукас или Ленче која можеби оди на филхармонија?

И сосема на крајот, Македонија по некои чудни патишта успеа да опстои како независна држава во 1991 година и покрај сите војни кои беснееја околу нас, и покрај сите ембарга, оспорувања и понижувања кои ги доживеа овој народ. Барем од тогаш, макар и од тогаш, оваа држава веќе 27 години е несомнен факт. Проблематичен да (!), етнички комплициран да (!), ама е ФАКТ кој не може тукутака да се пренебрегне. Затоа јас не сум песимист во однос на иднината на македонско-албанските односи во едно општество. Но, за тоа општество да стане „едно општество за сите“ ќе мора уште многу да се потрудиме, да проникнеме во стравовивте и очекувањата на нашите комшии и да видиме дали можеме, и покрај сите ѕидови и плотови кои стојат меѓу нас, да изнедриме некакво минимално почитување и лојалност кон општото добро. Конечно, дали се ѕидови или плотови, можеби и не е најважно бидејќи, нели, се вели: и ѕидовите имаат уши, и плотовите имаат очи.

Анализата е објавена на порталот точка.мк на 10 мај 2018 година

1 Коментар

Comments are closed.