Градоначалникот нa Ново Село фатен во шверц со цигари

Приведен градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев кој се сомничи за шверц со цигари. Стојчев бил приведен синоќа додека бил заедно со неговата сопруга, синот и уште еден соучесник кој се обидел да и избега на полицијата.

Од СВР Струмица потврдуваат дека синоќа во близина на село Бадилен полицијата запрела две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари. Едното возило се обидело да избега, па полицајците испукале предупредувачки куршуми.

„Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево.

Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26) од село Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.

Од полицијата додаваат дека при преземање на потребните мерки и дејствија лишено од слобода е и лицето М.Т (52) од с.Самоилово, кој управувал моторцикл „Hamachi“ без регистарски таблици.

На местото на настанот е извршен увид од страна на СВР Струмица во присуство на Јавен обвинител, а лицата се лишени од слобода и се задржани во полиција, додека пронајдените кутии со цигари се одземени.