Градоначалникот на Велес се премисли за “Гемиџиите”, виновни медиумите

Традиционалната вардарска регата „Гемиџии“ што ја организира општина Велес наместо на крајот на јуни и почетокот на јули како што беше досега годинава ќе започне во нов термин на 19 јули, заедно со фестивалот на античка драма „Стоби“, информира на денешната прес-конференција Аце Коцевски градоначалник на општина Велес, која е организатор на регатата.

Тој, како што рече, со ова ја демантира лажната вест дека ја укинал регатата, што ја објавиле и одредени медиуми и била споделувана на социјалните мртежи.

Предходно медиумите пренесоа изјава од организаторите на кои од општина Велес им било кажано дека годинава нема пари за регатата.

Коцевски информира дека за вардарската регата од општинскиот буџет издвоиле 80 илјади денари, а поместувањето на терминот, го прави заради временските услови и затоа што регатата сака да ја поврзе со одржување на Фестивалот на античка драма Стоби кој по пауза од неколку години повторно ќе се одржи во истоимениот антички град.

– Општина Велес и јас без причина неоправдано, неосновано бевме изложени на жестоки, дрски и безобразни напади и обвинувања, без авторите на текстот и тие што го превземаа да ја проверат вистинитоста на фактите, дали општина Велес се откажала или не’. Оние што жестоко ме напаѓаат дека не сум патриот и заради името „Гемиџии“ не сакам да го организирам настанот, ги потсетувам дека јас сум тој градоначалник што во претходниот мандат го предложив во Велес преименување на новиот мост во мост „Гемиџии“, спортската сала, исто така, во сала „Гемиџии“, рече Коцевски.

Се сметам, додаде тој, за многу поголем патриот од тие што на таков дрзок и безобразен начин се осмелуваат да напаѓаат критикуваат и навредуваат.

Регатата стартува во Велес во Вардар под Мало мовче, а се одржува во четири етапи од Велес низводно по Вардар, а целта е мостот кај Вардар кај Гевгелија.

Регатата „Гемиџии“ беше возобновена во 1999 година, по пауза од 17 години. Инаку претходно првата Вардарска регата „Гемиџии“ се одржа во 1984 година.