Грчката влада ќе падне на пролет…

Во анализа, атински „Катимерини“ се обидува да го предвиди развојот на настаните околу преспанскиот договор и евентуалните последици од тоа во Грција.

„Владата на Зоран Заев во пјРМ ќе се обиде да го запечати преспанскиот договор со референдум и да изврши ревизија на уставот до јануари, во меѓувреме, грчката влада ќе се обиде да го ратификува договорот во Парламентот во февруари или март“.

Но, Панос Каменос, водач на помалиот коалициски партнер, Независни Грци (АНЕЛ), ќе се спротивстави на договорот и ќе ги повлече своите пратеници од коалицијата, за да ги убеди гласачите на АНЕЛ дека го одржал зборот со што може да доведе до паѓање на владата, пишува авторот Алексис Папакелас.

Во таков случај, премиерот Алексис Ципрас ќе биде соочен со две опции: Првата, да го протурка договорот за името со поддршка од политичките остатоци на партијата „Потами“ и некои независни пратеници.

Другата ќе биде да обзнани дека по губењето на поддршката на Каменос, договорот не може да биде ратификуван во грчкиот парламент.

Во двата случаи, Ципрас ќе мора да свика предвремени избори за 26-ти мај, заедно со оние за Европскиот парламент и со потенцијалните локални избори.

На тој начин, Ципрас ќе го фрли „врелиот компир“ кон конзервативниот лидер Киријакос Мицотакис: Ако парламентот гласа против спроведувањето на договорот, новата влада ќе мора повторно да преговара за договорот или да го поддржи…

Ако парламентот го ратификува договорот, од новата влада ќе се очекува да го имплементира.

Откако констатира дека шест месеци за Грција и на Балканот е вечност и многу работи може да се случат во тој период и во Грција, но и во северното соседство, авторот на анализата вели: „Предвидувам дека владата ќе падне во првите месеци од 2019 година, а изборите ќе се одржат во мај“