Грчки професор: Ниското учество не го прави референдумот невалиден

Спиридон Светас, професор по современа балканска историја на Универзитет „Аристотел“ во Солун, смета дека референдумот за името на македонската држава не може да се третира како невалиден, и покрај неисполнетиот цензус пропишан со Уставот.

„Ниското учество на референдумот не го прави невалиден, бидејќи од дамиот почеток беше јасно дека тој е консултативен и оти за ратификувањето на договорот од Преспа ќе се гласа во Парламентот. Но, факт е дека колку поголема беше излезеноста, толку повеќе пратеници од опозицијата можеа да гласаат за неопходните уставни промени“, изјави Светас за „Неос Космос“, весник на грчката дијаспора во Австралија што излегува во Мелбурн.

Според него, Владата и опозицијата можат да го толкуваат гласањето како победа, и покрај тоа што „Владата очекуваше да постигне излезеност од 41-42 проценти, наместо 36,8 отсто, но за сметка на тоа доби одобрување од 91 отсто наместо 70-71 отсто“.

Причините за ниската излезеност тој ги бара во „стравот на луѓето од поткопување на нивниот идентитет, постојаните критики од претседателот Иванов, објаснувањата од опозицијата дека станува збор за понижувачки и ропски договор со Грција за создавање нова држава и нова нација, кои ја елиминираат целата ‘македонска’ историја“. Во тој контекст, мешањето на европските политичари ја засили претставата за големата жртва што граѓаните треба да ја направат, додава тој.

„Ако Зоран Заев успее да ја надмине голготата на уставните промени, а ратификацијата на Преспански договор не помине во Грција, Бугарите ќе се смеат, а а Турците ќе профитираат“, заклучува Светас.

Професорот е на мнение дека Грција не може да си дозволи да направи стратешка грешка со незаинтересираност за процесите што се одвиваат во Македонија или со преправање дека не ги гледа интересите на Русија и на Турција во вака создадената ситуација.

Тој предвидува предвремени избори кон крајот на ноември ако договорот не биде ратификуван во македонското Собрание.

 

SHARE

Comments are closed.