Српскиот историчар Александар Раковиќ оценува дека за вселенскиот патријарх Вартоломеј прашањето на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) не е лесно решливо, бидејќи се однесува и на Грците.

„Грчките цркви сите од ред се против тоа Македонската црква да стане автокефална и нема да ја прифатат ни варијантата таа да се вика Скопска црква. Вселенскиот патријарх го знае тоа, бидејќи би влегол во несогласувања со другите грчки архиепископи и митрополити“, вели Раковиќ за „Спутник“.

Според него, зад проблемите во православниот свет, кои кулминираа со тековниот судир меѓу Руска православна црква и Вселенска патријаршија поради намерата на Вартоломеј да ѝ даде автокефалност на Украинска православна црква, стојат Американците.

„Познато ми е од моето искуство, кога работев во владите на Србија и на СР Југославија, дека тие се плеткаа во нашите црковни прашања, да речеме македонското. Го насочуваа целиот процес така да не им одговара ниту на Србите, ниту на Македонците, туку ситуацијата постојано да биде конфликтна за проблемот никогаш да не се реши. Судејќи според сè, тоа е случај и во Украина“, додава Раковиќ.