Грција призна што правела на Идомени со бегалците – пишува Горан Момироски

– Турските власти го прават тоа што го правевме ние на границата со Скопје за време на мигрантската криза, само ги насочувавме мигрантите да заминат кон ЕУ преку Скопје, изјавил клучен фактор во грчката влада за весникот Катимерини.

Грчките власти сега предупредуваат дека претседателот Ердоган врши миграциски притисок врз Атина поради билатералните проблеми меѓу двете земји.

Минатата недела рекордни 1500 мигранти и баратели на азил ја минале турско – грчката граница на реката Еврос од кои најголем број се Курди од Сирија и Ирак кои владата во Анкара не сака да ги чува на своја територија како и турски противници на владата контролирана од претседателот Ердоган. Откако согласно меѓународната практика тие се пријавуваат кај грчките гранични сили понатаму треба да бидат сместени во прифатни центри за бегалци.

Според грчките експерти нивниот број ќе расте поради ниското ниво на реката Еврос но и поради слабата контрола на границата од страна на турските гранични сили.

Едно од прашањата кое што логично се поставува а е важно за Македонија е дали Грција нема повторно да го повтори своето поведение од Евзони во 2015 кога по сопствено признание “фацилитирала” мигранти кои преку Скопје сакале да стигнат во ЕУ.

Второто исто толку важно прашање за Македонија но и за цела Европа е дали ова е почеток на крајот на договорот ЕУ – Турција од 2016 со кој Ердоган се согласи да ги запре над 2,5 милиони бегалци на нејзина територија да тргнат кон Европа.

Шесте милијарди (3 плус 3) евра кои како противуслуга Брисел ги даде за покривање на трошоците на нугрантите веќе се потрошени а во меѓувреме абер нема од исполнување на турското барање за визна либерализација за турските граѓани при влез во ЕУ.

Ако одговорот на второто прашање е позитивен Македонија мора под итно да се подготви за нов жесток мигрантски притисок на јужната граница затоа што исто како што Турција е лабава кон Грција на Еврос така и нашиот јужен сосед нема да се прекрши од напор да ги држи новите бегалци на своја територија.

Предходно лани српски невладини организации предупредија дека дел од бегалците во Србија преку диви гранични премини се враќаат во Македонија.