Грција врие: Бесилка и македонско знаме пред седиштето на СИРИЗА во Серес

Не стивнуваат протестите во Грција по потпишувањето на договорот Заев-Ципрас во неделата во Нивици на Преспанско Езеро, а гневот се манифестира преку различни форми, како импровизираната бесилка и истакнувањето знаме на Република Македонија пред канцеларијата на владеачката СИРИЗА во Серес, пишува „Грик рипортер“.

На удар се и функционери и пратеници на партијата на Алексис Ципрас и на помалиот коалициски партнер Независни Грци, обвинети од демонстрантите за предавство. Премиерот се критикува дека ја испуштил дипломатската предност на Грција – ветото за членство во Европска унија и во НАТО „за договор што би можел да пропадне“.

Владата тврди дека реакциите за договорот се организирани од опозицијата и од фашистички елементи и оти тие не го одразуваат јавното мислење.

Најизразени се протестите во регионот Македонија, каде што вчера во Костур стотина демонстранти се собраа пред канцеларијата на локалниот пратеник од СИРИЗА, носејќи грчки знамиња, пеејќи патриотски песни и скандирајќи „Македонија останува грчка“.

Во вторникот министерот за правда Ставрос Контонис беше изложен на подбив на настан во Јаница од толпа насобрана пред зградата на локалната самоуправа. Тој подоцна тврдеше дека меѓу луѓето имало фашистички елементи.

Дури и на Крит гневни демонстранти се конфронтираа со министерката за туризам Елена Кунтура. На настан во Ханија ѝ довикуваа „предавник“ на членката на Независни Грци.

 

SHARE

Comments are closed.