Гробот на дедото на министерот Димитров – пишува Горан Момироски

Координираната кампања што во Македонија и Грција против министерот Димитров се случува во последниве дваесетина дена дофрлаат масло на огнот односно ги засилуваат шпекулациите дека во моментов најголема пречка Грција да ги оствари своите цели во спорот за името е токму шефот на македонската дипломатија.

Конечно станува јасно дека нудењето на наводни компромитирачки материјали за него, на „противници на Димитров“ ( за каков во Грција го сметаат авторот на овие редови) и други бенефиции за тие што ќе го „распнат“ министерот не е само лична нетрпеливост на обични луѓе туку добро планирана акција за негова дискредитација која деновиве преоѓа во нова фаза.

Грција преку своите разузнавачки и медиумски механизми се обидува и покрај тоа што Димитров е омилен кај западните дипломати да прикаже дека токму тој и неговите силни национални емоции е последната пречка во изнаоѓање на решение на спорот.

Колку далеку и колку организирано се оди во тие напори најдобар пример е написот на еден од водечките грчки новинари кој е познат по поврзаноста и спроведувањње на плановите на „структури“ кои што ја водат грчката внатрешна и надворешна политика.

Во својата последна анализа која ја пренесуваат „патриотските“ грчки медиуми моќниот Михали Игнатиу ја најавува кампањата против Димитров нарекувајќи го тврдокорен националист и некооперативен за разлика од премиерот Заев.

Колку пак нехумана може да биде политиката покажува текст во неделникот „Солунски вести“ каде што авторите на репортажата за Димитров го нашле гробот на дедото на министерот и преку коските на починатиот човек се обидуваат да направат приказна дека тој има лични емотивни причини да биде непопустлив во спорот за името.

Внимателните Ципрас и Коѕиас во операцијата внимаваат медиумите кои што ја водат кампањата да не се блиски на СИРИЗА или на Левицата туку користат медиуми и новинари блиски на десницата и на радикални структури во грчката армија со цел Димитров да не може да ги обвини за матни игри против него.

Но грчките новинари кои искрено сакаат конечно да се заврши сагата за името за да може да продолжи пријателскиот однос меѓу двата народи, а такви има многу според моето сопствено искуство, ја откриваат целата шема.

Идејата е пред странците Димитров да биде прикажан како „тврдокорен Егеец“ кој не може да оди против себе си и своето семејство и дека како емотивец кој се крши во себе за големата одлука не е способен да донесе рационална одлука за името. Најпрвин оваа приказна треба да се продаде на странските амбасадори во Атина а потоа таа да стане дел и од реториката на владата во контактите со големите европски сили.

Ако се суди според изјавата на германскиот амбасадор во Атина кој во четвртокот на брифинг во Атина изјавил дека ги поздравува само грчките напори во изнаоѓање на решение за спорот , Атина е на добар пат да го спроведе планот за елиминација на Димитров како „Диво месо“ во преговорите.

Дека нешто не е во ред со преговорите и дека има сериозен проблем вчера потврди и премиерот Заев кој јавно призна дека од претпоследната средба во Атина меѓу Димитров, Коѕиас и Нимиц на 11 февруари во Виена нема никаков напредок и затоа не ја информира опозицијата за преговорите.

Најновите информации кои што денеска ги објавува влијателниот Катимерини дека Македонија ќе добие време да го направи договор за употреба на името дома и надвор и за промена на уставот е уште една потврда дека преговорите се во ќорсокак и дека нешто ќе треба да се менува.

Најлесна промена во моментов може да биде кадровската смена на „ Националистот Димитров“ кој „не може да оди против коските на дедо му и клетвите на татко му“ кој своевременто според дел од медиумите наводно напишал „Раката да му се исуши на тој што ќе го смени името“.

Во министерството за надворешни работи кое што го води Димитров веќе се прават лични агенди за „пост Димитров“ ерата, државни секретари, заменици министри, високи партиски функционери веќе се гледаат во неговата фотеља, силно разнишана од надвор и од внатре.

Стопираната систематизација на работните позиции во МНР која е донесена уште пред три месеци не се спроведува практично затоа што сите чекаат да видат дали Димитров ќе преживее политички и шанса ќе добијат и професионалци или пак по неговиот евентуален пад новите раководители во МНР ќе бидат поставени по исклучиво партиски критериуми.

Позицијата на Димитров стана тешка уште по неговата изјава за време на една посета на медијаторот Нимиц на Скопје кога рече дека „Ако е идентитетот во прашање разговорите ќе пропаднат“.

Од тогаш неговиот шарм со кој што освои дел од грчката публика и политичари почна да бледнее за што лично биле предупредени најважните фигури во македонската влада по што се запалило црвеното светло на Илинденска.

Фајлот со над 100 изјави на Димитров дадени за време додека беше преговарач за името е веќе доставен и до владата во Скопје.

Грчките психолози кои работеле на профилот на Димитров Јуниор процениле дека тој нема да се откаже од своето национално достоинство и дека размислува многу слично на амбасадорот Наумовски кој во јануари рече дека не се согласува со недостоинствените предлози на Грција. Неповлекувањето на Наумовски веднаш по таа изјава во Атина се толкува како признание на Димитров дека се согласува со својот амбасадор во САД.

Според неговиот психолошки профил направен од престижни атински експерти Димитров повеќе од сите сака да влеземе во ЕУ и НАТО, прашања на кои работи целата своја професионална кариера но дека по ниедна цена не може да прифати да биде причина за вечно понижување на неговиот народ.

П.С.

Димитров со месеци одбива да биде гостин во мојата емисија 60 минути на Алфа за што јавно го прозивав но таа приказна заврши. Дознавајќи во каква деликатна ситуација се наоѓа му простувам дури и за неговите наводи дека не му се допаѓа стилот на моите прашања однапред испратени до МНР. Човекот и Македонија со него си имаат други посуштествени проблеми од еден обичен новинар и една обична телевизиска емисија.

И покрај се верувам дека тој добро знае што прави, и за себе и за Македонија.

1 Коментар

Comments are closed.