Груби не верува дека Груевски ќе оди в затвор брзо

Контактите меѓу партнерите во коалицијата ДУИ и СДСМ се секојдневни и контактот со премиерот Зоран Заев е исто така секојдневен и сметам дека подготовката на нацрт – амандманите во Владата ќе биде консензуална и во духот на коалициското работење и делување во Владата, како и во Собранието, изјави пратеникот на ДУИ Артан Груби.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ ќе инсистира во Преамбулата на Уставот да биде ставен и Рамковниот договор, тој рече оти верува дека во Собранието ќе пристигне консолидиран текст на нацрт амандмани, но не само меѓу СДСМ и ДУИ, туку и со Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Изрази убедување дека ќе се зголеми бројот на пратеници што во иднина ќе ги поддржат уставните амандмани.

За иницијативите на Беса и на Алијанса на Албанците за вметнување на нивните предлози во уставните амандмани, пратеникот Груби вели дека нивните пратеници покажале незнаење на Деловникот, бидејќи веќе гласале за тоа што ќе се менува во Уставот.

– Не може да се интервенира во други членови освен во тие што се менуваат. Затоа сметам дека ова е иницијатива за дневно-политичка пропаганда и за протнување на големи теми на мали партии на мала врата, посочи тој.

Груби не верува дека ќе се соберат доволен број гласови за да му се одземе мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Судот до Собранието го испрати барањето за одземање на мандатот на Груевски по правосилната одлука за затворска казна од две години, а од денеска тече петнаесетдневниот рок за закажување на седница на собраниската Комисија за мандатно имунитетни прашања која треба да расправа за ова прашање, а потоа одлуката да биде констатирана на пленарна седница.

-Одземањето на мандат на пратеник е со двотретинско мнозинство. Не сме сигурни дали тоа ќе успее затоа што за тоа ни требаат гласовите од опозицијата, рече Груби.

Според него ДУИ е секогаш поддржувач на правото и е првата партија која ги повикала судските и обвинителните институции да истражуваат за функционери од 2002 година наваму.

-Сметаме дека нашата поддршка кон независно судство и владеење на правото е потребна во Собранието, рече Груби.

SHARE

1 Коментар

Оставете Коментар