Груевски се јави преку „Фејсбук“: Доаѓаат подобри времиња

Никола Груевски, кој денеска не присуствуваше на изрекувањето на пресудата во случајот „Тенк“, попладнево се обрати преку „Фејсбук“ и порача дека „доаѓаат подобри времиња“.

Поранешниот премиер денеска беше осуден на две години затвор за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ во случајот на Специјално јавно обвинителство.

Груевски беше второобвинет во случајот за набавка на блиндиран „мерцедес“ вреден 600.000 евра, а првообвинетиот Ѓоко Поповски доби затворска казна во траење од шест години и шест месеци.

Во „Тенк“ обвинета е и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но постапката против неа се води одвоено.

„Неспорно е дека е набавено возило марка ‘мерцедес’ и дека обвинетите знаеле дека се работи за исклучително скапо возило. Груевски побарал, а Јанкулоска извршила службено дејствие кое не смеела да го изврши и го поттикнала Поповски да го стори кривичното дело ‘злоупотреба на службената положба’. Обвинетите го фаворизирале економскиот оператор ‘Мак Аутостар’“, рече пред изрекувањето на пресудата судијката Добрила Кацарска.

До правосилноста на пресудата, Груевски останува во земјата, а пасошот му е одземен.

 

SHARE