Хаџиманов: Последната песна што ја слушна Тито беше македонска

Македонскиот музичар и актер Зафир Хаџиманов кој долги години живее во Белград на денот на смртта на Тито се потсетува на последниот настап пред доживотниот претседател на СФРЈ.

“Јас сум можеби последниот пејач кој пеел пред него. На дочекот на новата 1980 година во Караџорџево пеевме Сенка (Велетангиќ) и јас. Програмата траеше кратко поради неговото нарушено здравје. Многу колеги беа вратени за Белград без настап. На самиот крај ме повикаа да отпејам некоја македонска песна и јас одбрав сплет најпознати македонски народни рефрени. Веднаш потоа Тито стана и со стапот под мишка со војнички чекори замина на спиење. Утредента разбравме дека е во Словенија пред лекарски конзилиум. Така што мислам дека мојот распеан сплет беше последно што од песни го виде и слушна Тито”, се потсетува Зафир Хаџиманов на неговата последна средба со маршалот.