Непосредно пред неговата посетна на Македонија во понеделник, еврокомесарот за проширување во интервју за МИА вели дека доколку се пропушти можноста за прифаќање на Договорот со Грција на референдумот на 30 септември, вратата за ЕУ ќе се затвори „за децении“.

„Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата“, изјавил еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан во интервју за МИА.

Еврокомесарот, кој доаѓа во Македонија во понеделник ќе ја пренесе оваа поракаи ќе им ги предочи на граѓаните импликациите од Договорот со Грција и од прогресот на патот кон ЕУ.

Тој е уверен дека, доколку Македонија ги исполни поставените услови за почеток на преговори, Македонија може да смета на почеток на истите на средината на 2019. Околу условеноста на датум за преговори, еврокомесарот за проширување цени дека и без таа условеност, Македонија ќе требаше да чека најмалку една година за фактичко започнување на преговорите, бидејќи тие бараат подготвителна работа, вели Хан во интервјуто за МИА.