Пред полуфиналниот дуел на Светското фудбалско првенство во Русија меѓу Хрватите кружеше анегдота што најдобро ја отсликува состојбата на нивниот дух во моментов:

„Англичанец му се жали на Французин: ‘Денеска играме со Хрватска’. Французинот му одговара: ‘Знам, ние в недела’“.

Значи, уште пред натпреварот со Англија тие беа уверени дека ќе го елиминираат светскиот шампион од 1966 година и в недела во Москва ќе се сретнат со Французите, кои ги претставија како уплашени како и Англичаните што ќе им излезат на мегдан! А токму „триколорите“ пред 20 години ги спречија „коцкестите“ уште тогаш да играат планетарно финале, иако во тој полуфинален меч Хрватите поведоа преку Давор Шукер, за потоа бекот Лилијан Турам со своите единствени два гола во 142 настапа за репрезентацијата да го трасира патот на домаќинот на тој мундијал до светската титула.

Само со таква самоувереност и со „јајца од ној“, како што без влакно на јазикот ќе рече директно во етерот стручниот коментатор на Хрватска телевизија, Јошко Јеличиќ, и успеваа „огнените“ три пати едноподруго да се враќаат од негатива, за на крајот да слават. И повторно, како против Данска во осминафиналето и со Русија во четвртфиналето, гинеа на теренот 120 минути, само што овојпат од стресот наречен изведување пенали ги ослободи Марио Манџукиќ во 109. минута за историски триумф од 2:1. И тоа откако противникот поведе преку Киран Трипие од слободен удар по пет минути игра, а израмни Иван Перишиќ во 68. минута.

Каква само еуфорија ја зафати целата земја, од Далмација преку Загорје до Славонија, кога Манџо го совлада Џордан Пикфорд. Ако местото Вир кај Задар не потона пред една недела за време на концертот на поп-ѕвездата Жак Хоудек, тежок 154 килограми, синоќа малку недостигаше на градот светски познат по инсталацијата „поздрав на сонцето“ и по музиката „од оргули“ што се слуша од морето да му се повтори епскиот потоп од септември минатата година. Целиот плоштад „Форум“ во центарот почна толку да се тресе под нозете на илјадниците залудени хрватски фанови, но и на странци што навиваа(т) за Хрватска, што се чинеше како да вибрира и белегот на градот, црквата Свети Донат.

Колку ѝ значи на втората најмала нација што стигнала до финале на СП по двократниот шампион Уругвај зборува и сликата од денешната седница на хрватската Влада. Од премиерот Андреј Пленковиќ, кој ги бодреше на стадионот „Лужники“ милениците на нацијата наместо зафатената претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, па до последниот министер, сите со „дрескод“ соодветен за посебната пригода – дрес на хрватската фудбалска репрезентација.

А по (не)проспиената ноќ – нова песна. Англија е веќе минато, нека му ја мисли сега Франција. На социјалните мрежи осамнаа слики од пехарот за светскиот првак обвиткан со црвено-белите хрватски коцкички. Капитенот Лука Модриќ уште во првата изјава по надминувањето на историската бронза на „синовите“ на Ќиро Блажевиќ од СП 1998 во Франција со сериозен израз на лицето порача дека не дотуркале толку далеку за сега да се задоволат „само“ со сребро! А што ќе „заповеда“ фудбалерот од најтесниот круг кандидати за „златната топка“ за најдобар играч на шампионатот – за неговите сонародници е закон.

Токму како и стрелецот на голот за финале во родниот Славонски Брод. Популарниот Манџо за натпреварот со Русија уплати 25.000 куни (околу 3.400 евра) за пиво за сограѓаните за заедничкото следење на средбата со домаќинот. Велат дека за мечот со „галските петли“ ќе ја удвоел сумата. Колку ли, пак, ќе ги чести броѓани ако од понеделник им се појави со златниот медал околу вратот?