Додека наближуваше извесниот крај на финалето на Светското фудбалско првенство во Русија, гледајќи го заедно со интернационална „екипа“ во ресторан во Затон Велики кај Дубровник, ми дојде на ум наслов „Хрватите горди и неутешни“. Такви и беа за време на натпреварот во Москва што го изгубија од Франција со 4:2, па си помисливме дека вечерта на раат ќе прошетаме низ Страдун додека ни слегнуваат впечатоците од мечот.

„Секогаш тие Французи. Колку пати само ни го загорчија животот во ракомет, еве сега и во фудбал“, ни се жали келнерот додека ја плаќаме сметката.

Веднаш продолжуваме за Дубровник и од замислениот наслов за овој напис автоматски отпадна она „неутешни“. Долж јадранската магистрала и низ улиците на градот атмосфера како „коцкестите“ да се светски шампиони, а не „триколорите“. Десетици автомобили во колони со знамиња, со вклучени сирени, со момчиња со запалени факели и со девојки со навивачки реквизити седнати на прозорците или на хаубите од возилата во движење, а развиорени хрватски знамиња каде и да се свртиш.

На приодот до стариот град застој – полиција и пожарникари се справуваат со нередот што го направиле фанови, палејќи тракторски гуми среде улица! Ќе мораме од друга страна. Го оставаме автомобилот „во Сплит“ и продолжуваме пешки, туркајќи се низ тесните улички со пијани или само еуфорични навивачи на Хрватска од цел свет. Бели, црни, жолти, многу од нив со дресови со коцкички и со насмевки од уши до уши. По јазикот што го зборуваат е јасно дека некои од нив не се Хрвати, но и нив ги зафатило фудбалското лудило во „лијепа наша“ и ги освоиле мајсториите на теренот од Модриќ, Ракитиќ, Манџукиќ, Перишиќ и другарите.

Конечно – стариот град. „Плаца“. А таму, на плоштадот на крајот од главната пешачка улица, монтажни трибини и голем екран на кој по заедничкото следење на финалето камерите ловат кадри од лудата атмосфера, дополнително загревана од хрватски навивачки и патриотски песни преку разгласот. Пее масата народ како во еден глас, наизуст изговарајќи го секој стих и играјќи во ритамот на музиката. Црнец со хрватско знаме се искачува на врвот на споменик во центарот на плоштадот и ја развиорува „шаховницата“, предизвикувајќи урнебес наоколу. Уште тројца ќе му се придружат на површината од одвај еден квадратен метар, користејќи го врвот на статуата како скала.

Од целата таа енергија што се изли низ градот-држава и поморска велесила во средновековието патникот-намерник не може да изведе друг заклучок освен тој дека Хрватска е пресреќна и со мундијалското сребро. Најголемиот успех во фудбалската историја на оваа земја, кој го надмина бронзениот медал од СП 1998 во Франција, кога повторно Французите ѝ застанаа на патот, но тогаш во полуфиналето, го потисна јадосувањето што не е и светски првак. По малку изненадувачки за темпераментот на луѓето од овие простори, кои секогаш бараат влакно во јајцето и виновници зошто не е освоено златото, таквите јалови дебати експресно ги покри сладостраста од сознанието дека не е лошо ни да си втор на планетата, и тоа во најважната споредна работа. Иако секогаш ќе има такви што ќе тврдат дека се бројат и паметат само титулите, не и вицешампионите, давајќи го примерот со Холандија, која два пати потклекна на последното скалило до фудбалската бесмртност, Хрватите овој пат завртија друг лист. Можеби и резултатот од финалето ги увери дека во моментов ова е максимумот што можеа да го достигнат хероите на нацијата.

Хрватска одигра за себе, но и за регионот во кој стотици илјади фудбалски заљубеници се идентификуваа со нејзината репрезентација и ја бодреа, како што во САД 1994 навиваа за тогашниот полуфиналист Бугарија и за четвртфиналистот Романија. „Огнените“ дефинитивно ги освоија симпатиите „од Вардар до Триглав“ и пошироко, а поткрепа и честитки добија дури и од Србија, и тоа лично од тазе шампионот на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ.

Останавме два дена подолго во земјата на новиот светски вицепрвак за да ја почувствуваме атмосферата од прва рака и докрај. Неповторливо искуство, планина од впечатоци и спомени за цел живот. И притаена надеж дека еден ден и Македонија ќе се вивне (по)високо во најпопуларниот спорт на планетата. Секако, тоа во моментов се граничи со научна фантастика, но можеше ли некој на времето и да помисли дека во кошарка ќе бидеме четврти во Европа, во ракомет петти, а Вардар европски првак?

Хрватските фудбалери покажаа дека ништо не е невозможно ако „се погодат“ играчите, селекторот и околностите на едно првенство. Тие мечтаеја, веруваа во себе и покрај немањето победа во елиминациска фаза на големо натпреварување цели 20 години и – направија чудо. Секоја чест.