На сличен начин како против Данска во осминафиналето, Хрватска го прескокна и домаќинот Русија, славејќи на пенали за второ полуфинале на фудбалските мундијали, каде што в среда ќе ја чека Англија, која со 2:0 славеше против Шведска.

Како и против Данците, Иван Ракитиќ го реализира ударот од белата точка од последната серија пенали за 3:2, откако во основниот дел натпреварот за инфаркт во Сочи заврши 1:1.

„Коцкестите“ беа поблиску до победата, кога Домагој Вида погоди со глава за водство од 2:1 во 101. минута, но пет минути пред крајот на второто продолжение Марио Фернандеш им ја скрати радоста и ја одведе средбата кон пенал-рулетот. Но, токму промашувањето на Бразилецот со руски пасош во третата серија повторно ја врати предноста на страна на Хрватите, откако ја имаа уште на стартот кога голманот Даниел Субашиќ му одбрани на Федор Смолов.

А мечот полн со пресврти почна со водство на Русија преку Денис Черишев со прецизен удар од 20 метри во 31. минута, пред Андреј Крамариќ да израмни осум минути подоцна.

Англичаните безмалку рутински ја елиминираа Шведска со головите на Хари Мегваер во 30. минута и на Деле Али во 59. минута.