Хрватска и Македонија победија, време е за “прослава” – пишува Драган Милосављевиќ

Единаесетти јули 2018 година во светската меморија ќе остане забележан по два несекојдневни настани.

По неверојатната победа на Хрватска против моќната Англија и пласманот во финалето на Светското фудбалско првенство во Русија и по уште поневеројатниот Самит на НАТО во Белгија. На овој ден во Москва и во Брисел речиси истовремено се случија чуда од кои, на многумина ненавикнати мислители и дејци, долго ќе им се врти во главата.

На стадионот „Лужники“, пред 78 илјади среќници во живо и стотици милиони пред компјутерите и телевизорите, малата Хрватска одби да се предаде. И тоа што губеше со еден спрема нула и премореноста од претходните два меча во кои коцкестите издржаа 120 минутни гладијаторски пресметки, па дури и фактот дека спроти себе ја имаат Англија, лулката на фудбалот, Гордиот албион со лавови на знамето и апсолутна убеденост дека е предодреден да владее со светот. Фудбалскиот или политичкиот сеедно.

Ништо од тоа не ги поколеба хрватските фудбалери. Храбро истрчаа, се бореа полни два часа, во ниту еден момент не се исплашија, не побегнаа во сигурноста на „толку можевме, та и полуфинале е доволно“ и без пардон го испратија противникот назад во Лондон, како да е тоа најнормалната работа на светот.

И додека публиката на легендарниот московски стадион воодушевено им аплаудираше на малите балкански воини, во огромното здание на НАТО алијансата, американскиот претседател Трамп им држеше лекции на своите „сојузници“ за тоа колку малку пари даваат за сопствената одбрана, за тоа колку се лицемерни и колку не ги бидува за ништо.

Без никаков дипломатски бон-тон, без скрупули и лажни насмевки, со генералот „Бесно куче“ Матис покрај себе, Трамп го стави, секогаш студениот и високопарен Јенс Столтенеберг, во глувчешка дупка, а овој оттаму цивкаше и се извинуваше како немирно учениче фатено во престап од строгиот но праведен учител.

Тешко беше да се гледа неговото речиси молежливо препелкање пред „шефот“, исто како што не беше лесно да се чита она тажно соопштение, кое Доналд Туск, во име на сите европски лидери му го прочита на Трамп, а кое по својата лакејска содржина, не заостанува ниту зад најлигавите примери на понизност некогаш напишани од помали или поголеми државници.

Хрватска победи и заслужено оди во финалето. Трамп исто така победи и заслужено ќе оди во Хелсинки, на неутрална територија да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, со човекот кој согласно американската доктрина го гледа како стратешки непријател, но со кого, за разлика од беспримерното делење шлаканици во Брисел, ќе мора да разговара на иста нога, со почит и уважување.

Во меѓувреме толпата европски првенци побрза да ги исполни неговите наредби. Веднаш се согласија да ги зголемат средствата за национална одбрана и „ферски“ да ги делат трошоците за НАТО.

Потоа се договорија да продолжат со борбата против тероризмот, , остро да и се заканат на Русија дека вака повеќе нема да може, да започнат програма за истражување на Вселената, да испратат инструктори во Ирак, да ги помогнат Јордан и Авганистан и конечно, таму на крајот, зад седумте ридови и седумте мориња да потврдат дека ПЈРМ ќе добие покана за членство, откако до последна запира ќе го спроведе Договорот за промена на уставот и на името.

Истиот оној Столтенберг, овојпат со многу поинаква гримаса од таа што ја имаше додека Трамп во негово присуство држеше монолог, студено ни порача дека нема друго чаре: Или на референдумот ќе гласаме за Република Северна Македонија со сите дополнителни зафрканции, или НАТО ќе го гледаме само на телевизија. Како што повеќето од нас го гледаат и ова и секое друго Светско првенство во фудбал.

На оваа јасна и недвосмислена порака, македонската делегација се израдува повеќе од Колинда Грабар Китаровиќ кога во 109-та минута од полуфиналето, Марио Манџукиќ со ефектен гол ја однесе Хрватска на фудбалскиот Олимп. Толку се израдуваа што одлучија да прослават во 15 градови, со песни и ора да се повеселат, за сите да видат дека и ние знаеме да уживаме во големи победи.

Некој ќе рече дека малку и претеруваат со прославите, особено што, како баш и да нема некоја причина за „тулуми“, но за вкусовите не се расправа. Еднаш се живее и еднаш покана за во НАТО добиваме, макар и условна. Хрватска на пример, ќе игра финале против Франција во недела но може и да загуби, а ние си остануваме сигурни “победници”.