„Илирида“ на маршот во Приштина за обединување со Прешевска Долина

Илирида, како што албанските националисти ги нарекуваат деловите од Западна Македонија со мнозинско албанско население, беше „соодветно застапена“ на денешниот марш во Приштина за обединување на Албанците од Прешево, Медвеѓа и Бујановац со Косово.

Транспарентот со пораката „Долино, Илирида е со тебе“ беше дел од иконографијата на собирот на неколку стотини Албанци од општините на југот на Србија, организиран од здружението „Чамерија“, како што ја викаат областа чиј најголем дел се наоѓа во северозападна Грција.

Замислената творба што асоцира на балканските староседелци Илири ја спомна во своето обраќање и Дритон Сејко, претседател на огранокот на здружението „Чамерија“ во Албанија.

„Денес сме собрани да побараме национално обединување и да ги поддржиме нашите браќа во Долината, да кажеме дека Долината е во опасност да стане втора Чамерија на политиките за депопулација на Белград. Но, за нас Албанците каде и да сме – во Албанија, Косово, Илирида, Црна Гора, Чамерија и сите области, патот е само еден: да се обединат Албанците меѓу себе, класичните граници да се направат невидливи и да се обединат душите и срцата, економијата, образованието, културата и јазикот“, порача тој.

Во средините со доминантно албанско население во Македонија беше организиран и референдум за „Илирида“ во јануари 1992 година, прогласен за нелегален од македонската власт.

 

SHARE

Оставете Коментар