И со ново име Македонија ќе виси пред вратата на ЕУ

„За жал во моментов ЕУ е премногу збунета во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан и воопшто во тоа како и кога ќе има понатамошното проширување на Унијата. Има само општи приказни и ветувања, но нема решителност и јасност и се сомневам дека во наредните години ќе се појават.

Со разни ветувања и услови ЕУ успева да купува време, но во еден момент прашањето со приемот на нови членови како Албанија и Македонија ќе стане актуелно и тогаш ќе има две опции, од кои едната е „не“. И морам да кажам дека таа е сосема реална. Или барем 50-50.

Во наредните неколку години ништо сигурно нема да се случи. Оттука и големото прашање – што ќе ја мотивира и поддржува желбата за реформи кај македонското општество во наредните години, ако се покаже дека интеграцијата во ЕУ отпаѓа како опција“, вели  Ведран Џихиќ, еден од водечките австриски експерти во Југоисточна Европа и Балканот.

Тој за бугарски „Стандарт“ ја коментира ситуацијата во Македонија, пред референдумот на 30 септември за тоа земјата ќе се нарекува Северна Македонија, како што се договорија Скопје и Атина.

Запрашан кои се надворешнополитичките перспективи на Македонија со новото име тој вели:

„Ако референдумот е успешен, тоа ќе биде силен аргумент, но претстојат уште неколку чекори, околу кои има исто така не помалку пречки. Парламентот мора да ја потврди промената, да го измени уставот и да спроведе неколку други административни активности. Претседателот, исто така, мора да ја даде својата согласност, а тој се уште не се осврна на ова прашање. Процесот нема да биде брз и лесен.

Но, владата се надева дека по позитивно гласање на референдумот ќе може да ги надмине и останатите пречки. Дури тогаш може да се размислува за отпочнување на посериозен дијалог со ЕУ, ако Европа не постави нови услови (…) особено имајќи ги предвид можното тензии во регионот во врска со спорот околу промените на границата меѓу Србија и Косово.

Но, дури и да почнат преговорите, како што е ветено за 2019 година, тоа не значи дека некогаш ќе бидат завршени. Ние не знаеме како точно ќе се развива европскиот процес во блиска иднина – ќе има ли Европа на две брзини, ќе има ли услови за прием на нови членки…“ вели Џихиќ за „Стандарт“.

Ведран Џихиќ, е виш соработник е во австрискиот Институт за меѓународна политика (OIIP), професор на Виенскиот универзитет инаучен соработник на Универзитетот “Џон Хопкинс” во Вашингтон.

SHARE

Comments are closed.