И Жбогар со порака за референдумот во стилот „сега му е мајката“

Амбасадорот на Европска унија во Македонија, Самуел Жбогар, смета дека следните недели и месеци ќе бидат круцијални за иднината на земјата, гледајќи на референдумот како на паричка со две страни, и двете добитни!

„Од едната страна имате иднина во евроатлантското семејство, тоа се двете покани што ги примивте – едната за НАТО и другата за отворање преговори со ЕУ идната година. Од другата страна на паричката го имате Договорот што ги поставува темелите на идните односи со Грција. Значи, имате две страни, две работи што се преплетуваат и кои беа такви во последните 10 години и ќе останат такви и во наредниот период“, изјави Жбогар во интервју за Радио Слободна Европа.

„Лично сакам да видам дека земјата оди напред и отвора преговори со ЕУ и затоа сакам да видам успешен референдум. Морам да кажам дека не сум сам во тоа. Сигурно забележавте во минатите месеци дека, како никогаш досега, добивте позитивни пораки и посети од европските лидери. Тие ја следат ситуацијата одблизу, а тоа ја покажува желбата на европските лидери да ја видат земјата како оди напред, како ситуацијата се подобрува и да видат отворање на преговорите следната година. Мислам дека сите чувствуваме дека сега е времето и оти нема подобра алтернатива од онаа што се нуди сега“, додава Словенецот.

Според Жбогар, иднината е во рацете на граѓаните, кои се „господари на својата иднина“ и порачува дека „ние ќе ја почитуваме одлуката што ќе ја донесат луѓето“.

 

SHARE

Comments are closed.