Игуменот Партениј од Бигорски пак прескокнат, МПЦ-ОА избра нов владика

Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија добива нов епископ но тоа не е игуменот на манастирот Свети Јован Бигорски туку друг помлад свештеник кој е малку познат во јавноста.

Иако голем дел од верниците и јавноста очекуваше дека тоа ќе биде долгогодишниот старешина на Свети Јован Бигорски отецот Партениј, досегашниот старешина во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село, архимандритот Јаков е новиот, тринаесетти владика во синодот.

Јаков кој од сега ќе биде негов асистент е промовиран со лобирање на владиката Наум кој во моментов важи за најмоќен член на Светиот синод на МПЦ и поради неговата блискост со премиерот Зоран Заев.

Јаков сега ја носи титулата Епископ Полјански и во иднина ќе биде викарен епископ на Митрополитот струмички господин Наум. Ваквата одлука на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ ОА беше донесена на 29 септември оваа година, а чинот на хиротонија ќе биде извршен за време на овој викенд во Струмица.

Именувањето на новоизбраниот епископ се одржа во црквата Свети 15 Тивериоиполски Свештеномаченици во Струмица со одржувањето на чинот на наречение на кој во присуство на сите архиепископи беше прочитана синодската одлука со што истата се потврди и пред црквата односно народот.

Самата хиротонија или ракополагањето ќе биде утре на соборот на епископите кој ќе се одржи во манастирот Покров на Пресвета Богородица и Свети Леонтиј во Водоча. Тука поглаварот на МПЦ г.г. Стефан заедно со членовите на синодот ќе отслужи и Божествена литургија на која ќе се изврши хиротонијата на новоизбраниот епископ Полјански Јаков. Инаку новиот владика е роден на 23 ноември 1983 година во Куманово. Во 2004 доаѓа во Струмица како искушеник, а следната година е замонашен. Дипломирал на теолошкиот факултет во Скопје оваа година. Целио осум години е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село.

Архимандритот Партениј од бигорскиот манастир важи за еден од највлијателните црковни старешини во МПЦ-ОА и во неколку наврати предходно беше сериозен кандидат за нов епископ.

Партениј лани беше критикуван од дел од јавноста по писмото за поддршка на барањето со кое од Бугарската црква беше побарано признавање а веднаш потоа манастирот го посети и бугарскиот претседател Румен Радев.

SHARE

Оставете Коментар