„Илинденска“ не ги решава проблемите во регионот, вели бугарски историчар

Предложената варијанта „Илинденска Македонија“ нема да ги реши проблемите во регионот, уверува бугарскиот историчар Спас Ташев во интервју за бугарската телевизија БТВ.

Според него, во пораката на македонскиот премиер Зоран Заев ја има идејата за три Илиндена, кои освен тој од 1903 година ги вклучува и битката кај Херонеја (338 г.п.н.е.), како и Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) од 1944 година.

Другиот проблем на предлогот стручњакот за македонското прашање го лоцира во фактот дека Илинденското востание за ослободување од Отоманската империја избувнало и на територии што денес се дел од Грција.

Времето кога Бугарија требаше да се вмеша во спорот за името на Македонија како трета страна е поминато и Грција успеа да наметне монопол, додава тој.

Ташев го оценува како историско заедничкото чествување на 24 мај од бугарски и од македонски официјални претставници во Рим, бидејќи и во двете делегации имаше црковни великодостојници и тоа, според него, е чекор кон продлабочување на дијалогот. Тој смета дека Бугарска православна црква (БПЦ) можела да испрати претставник на претстојната прослава на илјадагодишниот јубилеј на Охридска архиепископија во Македонија без да влегува во конфликт со помесните православни цркви повторно како дел од делегација на државен претставник.