Името „Северна Македонија“ крие претензии, вели бугарски историчар

Даниел Вачков, директор на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и член на бугарскиот дел од Комисијата која треба да ги усогласува заедничката историја на Македонија и Бугарија во учебниците, вели дека името „Северна Македонија“ крие опасности од извесни претензии.

Во емисија на БТВ, Вачков вели дека „Македонија никогаш не била поделена на Северна и на Јужна, туку на Вардарска, Пиринска и Егејска” . Тој затоа смета дека „извесно дека Пиринска Македонија географски се вклучува во идејата за Северна Македонија“.

Но доцент Вачков вели дека името и не е толку опасно колку што се некои други аспекти.

„Одамна во нивните (македонски) учебници е застапена една апсурдна теза, апсолутно неточна, со која растат поколенија. Во нив пишува дека Македонија била поделена меѓу балканските држави после балканските војни и дека Македонците во Пиринска Македонија биле потчинети и врз нив била извршена денационализација. Децата учат дека нивните браќа во Пиринска Македонија се репресирани од бугарската држава”.

„Таквите нешта треба да бидат исклучени од учебниците. Прво, затоа што се историски неточни , противречностите се очигледни. Кога велат дека Пиринска Македонија била подложена на терор, во исто време признаваат дека по балканските војни, во Првата светска војна, над 200.000 Македонци од Егејска и Вардарска Македонија се преселиле во Бугарија. Секој нормален човек ќе се запраша: Aко биле тероризирани, зошто отишле во Бугарија”, вели Вачков.